Малиот Space Star е рекордер во потрошувачката – а ние сакавме самите да се уверуме во неговите таленти и декларираната штедливост!
Mitsubishi е бренд кој знае да ги изненади купувачите и да понуди модел кој ги крши традициите кога станува збор за многу работи. Токму таков модел е и малиот Space Star, кој иако е пократок од роднинскиот Colt, сепак во внатрешноста нуди повеќе простор и за нијанса поголем багажен простор.
Но, пред да зборуваме за економичноста, да зборуваме малку за сите оние работи кои се значајни кај еден автомобил – а ќе започнеме со дизајнот. Новиот Space Star изгледа малку нетипично за Европскиот пазар, но благодарение на тоа изгледа свежо и несекојдневно. Секако, огромно влијание има и привлечната зелена боја на нашиот тестен модел, како и црните спортски налепници кои со доза на иронија му даваат спортски карактер на автомобил кој примарно има економични претензии. Тркалата кои како да се „избркани“ во аглите на возилото дополнително му даваат спортски став, а истовремено ја зголемуваат понудата на простор. Сликата ја комплетира спојлерот поставен над петтата врата.
Во внатрешноста, Space Star целосно го оправдува своето име. Ние се изненадивме на комфорот и понудениот простор. Материјалите во внатрешноста не се најдобри во сегментот, но со оглед на цената и листата на стандардна опрема, немаме многу простор за забелешки. Да, пластиките се тврди, но истовремено бидејќи се работи за Mitsubishi, знаеме дека ќе траат вечно. Од друга страна, прегледноста е одлична, возачката позиција сосем добра, а ергономијата на високо ниво – сите команди се прегледни, сите прекинувачи се лесни за користење, а големиот Еко-индикатор на контролната табла суптилно навестува дека се работи за автомобил кој има сериозни аспирации.
Сега веќе можеме да зборуваме за моторот – во конкретниов случај, во нашето возило беше вграден 1-литарскиот мотор кој нуди 71 коњска сила и е рекордер во потрошувачка. Благодарение на долго-поставените брзини, старт-стоп системот и економичниот мотор, Space Star може да се пофали со потрошувачка од само 4.6 литри во градски услови. Секако, таа потрошувачка можеби звучи недостижна, но ние без многу напор успеавме да измериме потрошувачка во град која изнесуваше околу 5.7 литри на 100 изминати километри. Секако, перформансите не се онакви со кои би им се пофалиле на пријателите, но воопшто не се за потценување. Забрзувањето до 100 километри на час трае 13.6 секунди, а максималната брзина е 172 километри на час – но да бидеме искрени, ќе ви треба навистина долг правец за да ја постигнете.
Низ градските улици Space Star се движи лесно и самоуверено. Маневрирањето е лесно благодарение на одличната прегледност, но и на екстремно тесниот радиус на вртење од само 4.6 метри. Лесно се следи текот на сообраќајот, но долгите односи на брзините побаруваат одредено навикнување од страна на возачот. На отворен пат Space Star повторно задоволува, но ние би посакале уште малку звучна изолација. Управувањето е лесно, благодарение на серво уредот, но во ниеден момент не смеете да очекувате спортски карактер – сепак ова е градски автомобил.
Од друга страна, бидете подготвени да бидете пријатно изненадени кога станува збор за опремата во Space Star. Дури и во основното ниво на опрема, Space Star доаѓа опремен со ESP систем за контрола на стабилноста, ABS, систем за контрола на тракцијата, систем за помош при сопирање, предни воздушни перници, предни и задни странични воздушни завеси, старт-стоп систем кој го исклучува моторот додека чекате на семафор, патен компјутер, радио со MP3 поддршка и USB поврзување, серво, мануелен клима уред, централна брава со далечинско управување, електрика на предните прозорци и на страничните ретровизори, и уште многу други ситници кои едноставно не сме навикнати да ги очекуваме кај автомобили во оваа категорија и во овој ценовен ранг.
Значи – да сумираме – Space Star е практично градско возило, со изненадувачки долга листа на стандардна опрема, економичен мотор и завидна понуда на простор. Ако купувачите се подготвени да направат мали компромиси, ќе добијат навистина многу за своите пари. Дизајнот можеби нема да му се допадне на секого, но неизбежен е фактот дека Space Star нуди опрема, просторност и економичност кои едноставно не сме навикнати да ги гледаме кај авотмобили во овој ценовен ранг.
- 1.0 литарски атмосферски бензински мотор, 3 цилиндри
- Моќност: 71 коњски сили / 6000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 88 Nm / 5000 вртежи во минута
- Максимална брзина: 172 км/час
- Забрзување 0-100: 13.6 секунди
- Должина: 3710 mm
- Ширина: 1665 mm
- Висина: 1490 mm
- Меѓуоскино растојание: 2450 mm
- Багажен простор: 235 литри
- Потрошувачка: 4.6 (официјална, градска), 5.7 (измерена, градска)
- Mitsubishi Space Star 1.0 DOHC Mivec Inform – 8.690 Евра
Дополнително: Алуминиумски фелни, металик боја.
Фотографија: Дејан Маликовски