Германскиот тим, кој беше фаворит од самиот почеток прослави уште една победа на легендарната 24-часовна трка на Le Mans.
Ова беше четврта последователна победа за Audi на Le Mans, а тие победата му ја посветија на Allan Simonsen, возачот на Aston Martin кој трагично загина на почетокот на трката. Данецот беше прва жртва на Le Mans од сега веќе далечната 1997-ма година.
Allan McNish, Tom Kristensen и Loic Duval го возеа победничкото Audi na Le Mans, додека се тркаа на познатата Circuit de la Sarthe. Kristensen извозе тешка последна делница, која беше дополнително искомплицирана заради дождот. Сепак, тој ја одржа својата предност од една етапа пред Sebastian Buemi во неговата Toyota. Kristensen е најуспешниот возач на Le Mans на сите времиња, со вкупно девет победи на легендарниот настан. Неговиот автомобил кој го носеше бројот 2 направи 348 етапи за 24 часа.
Другите фабрички Audi автомобили завршија на третото и петтото место. Втората фабричка Toyota која можеше да се пофали со поранешните возачи на Williams F1 – Alex Wurz и Kazuki Nakajima заврши на четвртото место. Сите возила кои ги земаа врвните позиции се натпреваруваа во LM P1 категоријата.
Иако имаше разни случувања за време на трката, сепак највеќе внимание одзема трагичната смрт на Allan Simonsen. Aston Martin ја продолжи трката, по барање на неговото семејство, а легендарниот Jacky Ickx зборуваше за него пред останатите возачи, и побара еден момент тишина за загинатиот возач.