Почнуваат да се шират гласини дека сериски модел базиран на Audi Quattro концептот ќе ја има својата официјална премиера на авто-саемот во Франкфурт!
Концептот кој се појави во 2010-тата година беше конструиран врз основата на Audi RS5, но со прилично намалени димензии и со исфрлени задни седишта. Концептот носеше 2.5-литарски турбо-бензински мотор со 408 коњски сили и 480 Nm вртежен момент.
Според магазинот Autocar, серискиот модел би бил нешто подолг од концептот и со подолго меѓуоскино растојание (2600 mm кај концептот, 2810 mm кај серискиот модел), но со иста ширина и висина (1860, односно 1330 mm) како и тежина – околу 1300 килограми. За перформансите најверојатно ќе се погрижи 4-литарски твин-турбо V8 мотор кој би испорачувал повеќе од 600 коњски сили. Соодветно на тоа, и предвидените перформанси се импресивни – 100 километри на час за помалку од 4 секунди и максимална брзина од околу 300 километри на час.