Новата, трета генерација на популарниот SUV на Јапонскиот SUV пристигна во Македонија, а ние меѓу првите ја имавме можноста и привилегијата одблиску да го запознаеме.
Уште на прв поглед, новиот CR-V веднаш буди сеќавања на стариот. Дизајнот е освежен и еволуиран, но веднаш знаеме дека се работи за Honda и веднаш знаеме дека се работи за CR-V. Од предната страна доминираат големите светлосни уреди и големата маска на ладилникот, на кој гордо стои амблемот на Honda. Особено интересно изгледаат дневните светла. Од страна, благодарение на опаѓачката линија на страничните стаклени површини CR-V изгледа покомпактен од неговите реални димензии, а единствено задниот дел малку разочарува со својата едноставност во споредба со остатокот од автомобилот.
Во секој случај, автомобилот изгледа модерно и атрактивно. Единствено би забележале дека е потребен еден број поголеми фелни за вистински да се комплетира сликата и имиџот за овој урбан SUV.
Ја отвораме возачката врата, и во внатрешноста нè пречекува ентериер кој и онака го очекуваме кај автомобилите на Honda. Материјалите се од врвен квалитет, а финалната обработка на највисоко ниво. Ергономијата е на повеќе од задоволително ниво – контролите и командите се јасни и лесни за употребување а прегледноста е задоволителна. Забележуваме на прегледноста кон задниот дел која е малку намалена како последица на широките Ц-столбови, но паркинг камерата со која беше опремен нашиот тестен модел го компензираше овој недостаток на видливост. Исто така, би сакале возачкото седиште да можеше уште малку да оди надолу, како би имало повеќе простор за колената на возачот.
Сепак, да се седи во Honda CR-V е вистинско уживање. Седиштата кои се меки и комфорни нудат сосем доволно странична поддршка, а користењето на сите прекинувачи и контроли е навистина пријатно. Тактилниот фидбек кој се добива од контролите е на ниво како кај производители од премиум сегментот – едноставно, како што и очекуваме од Honda.
На задната клупа има повеќе од доволно место за двајца патници, а по потреба може да се смести и трет возрасен патник. Простор за нозете и за главата има повеќе од доволно, а ако се само двајца патници тука е и средишниот потпирач за раце кој исто така е обложен со мек материјал. Благодарение на наслонот на задната клупа кој може да се спушти, патниците можат навистина да се опуштат и да уживаат додека се возат.
Исто така, пофалба заслужува и опременоста на нашиот тестен модел. Иако е само еден степен над најниското ниво на опрема, нашиот автомобил дојде со двозонски клима уред, кожен управувач и менувач, автоматски погон на сите четири тркала, неизбежната електрика на сите прозорци и на ретровизорите (кои се електрично преклопливи), одличниот темпомат, но и видео-камера за паркирање како и сензори за паркирање, цел сплет на безбедносни системи и уште многу други ситници кои можат да бидат од особено значење.
Конечно, стигнавме до најслабата карика кај нашиот тестен модел – а тоа е моторот. Атмосферскиот бензинец со зафатнина од 2 литри нуди 150 коњски сили на 6500 вртежи, но само 192 Nm вртежен момент на 4300 вртежи. Иако моторот се одликува со одлична рафинираност и тивкост, сепак сметаме дека во теренец каков што е CR-V повеќе би одговарал 2.2-литарскиот турбодизел кој нуди 150 коњски сили и здрави 350 Nm вртежен момент. Сепак, ниту бензинецот не е за потценување – бидете во вистинскиот степен на пренос и перформансите се сосем задоволителни – 10.2 секунди до 100 километри на час и максимална брзина од 190 километри на час. Со внимателно возење успеавме да ја намалиме потрошувачката на околу 10 литри на 100 изминати километри во градски услови.
Она што сепак нè израдува, е одличната аеродинамика (за ваков вид на автомобил) но и звучната изолација. Дури и при брзини значително повисоки од пропишаните во внатрешноста на CR-V е тивко и опуштено, без скоро никаква бука од ветерот. На отворен пат CR-V е одличен сопатник, но сосем добро се снаоѓа и низ градските гужви. Управувачот е доволно прецизен и директен, а користењето на 6-степениот мануелен менувач претставува вистинско задоволство – движењето е одлично одмерено и механичко.
Но и кога ќе решите да го напушите асфалтираниот пат, CR-V воопшто нема да ве разочара. Иако не е вистински теренец, CR-V одлично се снаоѓа и по нерамни патишта. Системот за погон на сите четири тркала работи автоматски и ја дистрибуира моќноста онаму каде е најпотребна. Веќе спомнавме дека прегледноста е одлична, па и ваквото авантуристичко возење е интересно и забавно.
Кога ќе ги земеме во предвид сите особини на новиот CR-V, и на сето тоа ја додадеме и одличната практичност – багажниот простор е со зафатнина од 589 литри со исправени седишта, или 1669 со спуштени – доаѓаме до заклучокот дека се работи за еден комплетен автомобил кој е подготвен да ги задоволи потребите на скоро секое семејство со авантуристички дух. Сепак, ние би одбрале CR-V со дизелски мотор, чиј вртежен момент полесно ќе се справи со урбаниот SUV тежок 1.7 тони.
- 2.0 литарски атмосферски бензински агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
- Моќност: 154 коњски сили / 6300 вртежи во минута
- Вртежен момент: 192 Nm / 4100 вртежи во минута
- Максимална брзина: 190 км/час
- Забрзување 0-100: 10.2 секунди
- Должина: 4570 mm
- Ширина: 1820 mm
- Висина: 1685 mm
- Меѓуоскино растојание: 2619 mm
- Багажен простор: 589 литри
- Потрошувачка: 9.3 (официјална), 10.7 (измерена)
- Цена на тестираниот модел: Honda CR-V 2.0 i-VTEC 4WD Elegance – 27.990 Евра
Во оваа цена не е вклучен моменталниот акциски попуст од 3000 евра кој се одобрува на сите модели на CR-V. Со овој попуст цената изнесува 24.990 евра.
Фотографија: Дејан Маликовски