Иако ова грандиозно купе е базирано на Серијата 7 на баварскиот производител, извори во BMW изјавуваат дека ова е најава за нов знаменосец кој ќе ја носи ознаката 8.
BMW сака да испрати порака дека не е само производител на електрични автомобили, туку и на традиционални модели со вистинска емотивна привлечност. Според најавите, сеуште не е одлучено дали Серијата 8 би била таков модел, но овој концепт најавува како еден таков модел би можел да изгледа во иднина.
Основата врз која е изградено ова купе е од BMW 760Li, а тоа значи голем V12 мотор со турбо-полнач кој испорачува 535 коњски сили на задните тркала. Внатрешноста е ексклузивна и луксузна, но наликува на онаа кај Серијата 5 и 7.
Што ќе се случи со овој концепт, можеме само да погодуваме. Сепак, мора да признаеме дека изгледа несекојдневно, и дека интересните детали го задржуваат погледот, иако можеби предниот дел не е најуспешен.