ТЕСТ: Citroen C-Elysee 1.6 HDI 90 Exclusive – Француска инвазија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Citroen C-Elysee 1.6 HDI 90 Exclusive – Француска инвазија!

Неколку дена се дружевме со C-Elysee, борецот на Citroen во конкурентната класа на достапни мали седани. Кои се нашите импресии од овој автомобил кој е наменет за целиот свет?

Оваа класа станува навистина популарна – и има зошто е тоа така. Компаративно ниските цени, дарежливите димензии и исклучителната практичност се добитна комбинација за било кој производител, но и за купувачите. Кога во равенката ќе се додаде француски дизајн и шарм, веќе станува јасно дека зборуваме за повеќе од интересен автомобил.

Добро, нека биде јасно од самиот почеток – автомобилите во оваа класа не се премиум автомобили. Немаат такви претензии и соодветно на тоа, не би требало да очекуваме премиум елементи во автомобилот. Од друга страна, сосема е јасно дека и кај овие автомобили можеме (и треба) да очекуваме „играчки“ кои се несекојдневни и кај возила кои се класа-две поголеми. Дали тоа значи дека производителите конечно ја пронајдоа кокошката која несе златни јајца?

На прв поглед, C-Elysee изгледа малку нетипично за Citroen. Навикнати сме да гледаме флуидни линии од Францускиот бренд, но C-Elysee изгледа дури германски. Со појавувањето на новиот Citroen C4 Picasso (кој е базиран на Technospace концептот), ни станува јасно дека токму ова е новата дизајнерска насока на Citroen, која нам особено ни се допаѓа бидејќи ја доловува традиционалната несекојдневност и – ако се осмелиме да кажеме – блага налудничавост на брендот.

Линиите се чисти и јасни а автомобилот изгледа како да припаѓа класа или две погоре на скалилата.  Двојниот шеврон гордо е истакнат на предната маска, а предните светлосни структури се совршено димензионирани за да не изгледаат ниту премали, ниту преголеми (дизајнерски детал кој станува се посекојдневен кај автомобилите, а нам не ни се допаѓа). Гледан од страна, C-Elysee изгледа елегантно и богато – кон што несомнено придонесуваат алуминиумските тркала. Задните светлосни групи ја завршуваат сликата за дизајнот и ги следат насоките поставени од предниот дел. Багажникот визуелно го продлжува автомобилот, но тоа е цената што треба да се плати за практичноста и огромниот багажен простор.

Поврзано:  Новиот Citroën C3 пристигна во Македонија!

Кога веќе зборуваме за практичност, а особено за багажниот простор, мораме да напоменеме дека C-Elysee може да се пофали со дури 506 литри зафатнина, но сликата малку ја нарушува капакот од багажникот. Би сакале отворот да е малку поголем за да можат полесно да се сместат и поголеми предмети. Дополнителен проблем при пакување би можеле да претставуваат и носачите за капакот од багажникот кои навлегуваат во багажниот простор кога капакот е затворен.

Сепак, внатрешноста на C-Elysee е место каде што во ниеден момент нема да се почувствувате дека сте во поевтин автомобил. Богато опремен, нашиот тестен модел во ниеден момент не нè разочара. Управувачот и менувачот се обложени со кожа, а тоа е првиот детал од многуте кои ги приметивме. Седиштата се особено комфорни и се покажаа како одлични при подолго патување. Лесно се наоѓа комфорна возачка позиција и покрај фактот дека управувачот се подесува само по висина, а не и по длабочина. Во внатрешноста има повеќе од доволно простор за едно четиричлено семејство да се чувствува пријатно и да ужива во патувањето. Имаме мала забелешка за ергономијата на поставените команди за мултимедијалниот уред и прекинувачите за стаклата кои се поставени во централната конзола, но по неколкудневно користење се навикнавме на нив, па претпоставуваме дека ова нема да биде проблем за купувачите. Од друга страна, нè израдува присуството на Bluetooth опција за поврзување со мобилен телефон, како и AUX влезот за поврзување на надворешен аудио-уред и USB конекторот. Гледан во целост, тестниот модел кој го имавме е комплетно опремен и подготвен да ги задоволи сите барања на едно семејство.

Поврзано:  Citroën се подготвува за настап на мотор шоуто во Париз


Во градски услови, Citroen C-Elysee одлично се справува со метежот. Прегледноста е сосем добра благодарение на големите стаклени површини и големите странични ретровизори. Паркирањето е лесно и покрај прилично големите димензии благодарение на сензорите за паркирање со кои беше опремен нашиот модел, како и лесниот серво-управувач кој значително го олеснува маневрирањето. Менувачот е прецизен, но со предолг од на рачката.

Она што е очекувано кај еден модел на Citroen, е комфорот да биде на највисоко ниво – и во овој поглед, C-Elysee воопшто не разочарува. Автомобилот лесно ги впива скоро сите нерамнини кои македонските патишта можат да ги понудат. Во внатрешноста скоро и да нема пренесување на вибрации. Секако, C-Elysee не може да понуди спортско искуство зад воланот, но тоа воопшто и не му е намената па не можеме на тоа да забележиме.  Од друга страна, ќе забележиме на поголемата бучност при повисоки брзини, која се должи на малку потенката звучна изолација.

Моторот работи прилично тивко и рафинирано. Единствено на повисоки вртежи се зголемува бучавоста, но заради карактерот на дизелскиот агрегат скоро никогаш нема потреба да се „врти“ непотребно. Благодарение на зафатнината од 1.6 литри, моќноста од 92 коњски сили и вртежниот моменто од 230 Nm, автомобилот „повлекува“ уште на ниски вртежи а возењето е релаксирано. Перформансите не се врескачки, но се повеќе од доволни за еден фамилијарен автомобил – забрзувањето до 100 километри на час трае 11.2 секунди, а максималната брзина е 180 километри на час.

Бевме пријатно изненадени и од потрошувачката на C-Elysee. Во градски услови потрошувачката изнесуваше околу 6 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат таа е значително пониска – измеривме помалку од 4.4 литри на 100 изминати километри!

Поврзано:  ПРЕМИЕРА: Citroën ги претстави освежените C4 и C4 X

Секако, на оние кои имаат фамилија, од особено значење ќе им биде и безбедноста на C-Elysee. Мноштвото воздушни перници, ESP системот против пролизгување, како и сите други безбедносни системи ќе им обезбедат мирна глава, бидејќи ќе знаат дека нивното семејство е безбедно.

На крајот, можеме да го завршиме нашиот тест со следниот заклучок – Citroen C-Elysee е интересен автомобил. Модерниот дизајн го издвојува од конкуренцијата, опременоста (во зависност од избраниот модел) е одлична а комфорот на самиот врв во класата. Како и секој автомобил, и C-Elysee има мали недостатоци, но изберете модел опремен со дизел мотор и во повисоко ниво на опрема, и ќе добиете навистина комплетен автомобил!

  • 1.6-литарски турбо-дизелски агрегат
  • Моќност: 92 коњски сили / 4000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 230 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 180 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.2 секунди
  • Должина: 4427 mm
  • Ширина: 1748 mm
  • Висина: 1466 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2652 mm
  • Багажен простор: 506 литри
  • Потрошувачка: 6.1 литри на 100 км (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Citroen C-Elysee 1.6 HDI90 Exclusive – 14.850 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.