Баварскиот бренд ги објави првите официјални фотографии од концептот за новиот спортски кросовер X4, кој ќе започне со производство наредната година.
BMW ги подели нивните кросовери во две категории, вообичаената SAV (спотски активни возила) која ги опфаќа X1, X3 и X5, и модерната SAC (спортски активни купеа), која досега ја сочинуваше само X6. Како што се очекуваше, X4 ќе стане вториот спортски купе кросовер во гамата на BMW, по чекорите на X6. Сепак, новиот модел ќе биде малку помал од него. Со 4,648mm должина, 1,915mm широчина и 1,622mm височина, новиот концепт е многу близу во димензии со X3, со кого го дели истото меѓуоскино растојание од 2,810mm.
Дизајнот на X4 е дело на главниот дизајнер на BMW, Карим Хабиб и неговиот тим, кој го употреби истиот рецепт од X6 на покомпактна платформа од X3, но земајќи инспирација од претстојната Серија 4 Купе за предниот и задниот дел. Како и многу други концепти на BMW, овој е 90 проценти подготвен за производство, така што ќе се изменат само некои детали, како надворешните ретовизори, елементите на браниците и ќе се користат помали тркала.
BMW не објави фотографии од ентериерот, ниту спомна нешто за понудата на погонски единици, но многу е веројатно дека и двете ќе бидат преземени од X3. Новиот X4 ќе се произведува покрај X3, X5 и X6 во фабриката Спартанбург во САД.