Jaguar претстави јубилејна верзија, ограничена на само 30 примероци, базирана на XKR-S за 25 годишнината на нивниот R Performace бренд.
XKR-S GT го има само во бела боја, а се разликува од неговата основа благодарение на неговиот боди кит во тркачки стил, кој придонесува за зголемување на потисната сила при големи брзини и подобро вентилирање на сопирачките. Бодикитот опфаќа карбонски преден сплитер, отвор за вентилација на хаубата, заден дифузер и огромен заден спојлер. Автомобилот вози на лесни 20-инчни алуминиумски фелни со Pirelli Corsa пневматици во профил 255/35 напред и 305/30 назад.
Ентериерот е подновен со нови поспортски седишта од кожа и алкантара со црвени шевови, алуминиумски палки за менување брзини и специјални плочки со серискиот број од примерокот.
Новиот ултимативен XK, како што го нарекуваат од Jaguar, е опремен со истиот 5.0-литарски V8 агрегат со компресор и 550 кс. Усогласен е со шест-степена трансмисија што ја испраќа силата кон задните тркала преку активен електронски диференцијал. Ова му овозможува на моделот забрзување од 0-100 км/ч за 3.9 секунди, пред да ја достигне електронски ограничената максимална брзина од 300 км/ч.
За подобро управување XKR-S GT има потврда суспензија, за 68 проценти напред и 25 проценти назад, поширок преден траг на тркалата за 52mm, нов систем за тракција и карбонски керамични сопирачки со дискови во дијаметар од 398mm напред и 380mm назад.