ТЕСТ: Renault Clio Expression Energy 0.9 tCe – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Renault Clio Expression Energy 0.9 tCe

Пред нас е Renault Clio од најновата, четврта генерација – модел во кој Renault вложува навистина многу, па затоа и очекувањата се оправдано високи. Дали новото Clio ги исполни нашите очекувања?

За почеток, малку историја. Ова е четврта генерација на овој мал градски автомобил, кој е наследник на легендарниот Renault 4. Clio досега се има продадено во скоро 12 милиони примероци, па притисокот Renault да понуди добар автомобил е навистина голем. Clio секогаш бил успешен модел на Renault, и дури два пати до сега ја има освоено титулата за Европски Автомобил на Годината.

Уште на прв поглед, Clio привлекува  со својот дизајн. Дизајнерите успешно си играле со конкавни и конвексни површини, па Clio изгледа мускулесто и агресивно. Многуте облини му даваат изглед како каросеријата да е тесно навлечена врз структурните делови, а заради тоа автомобилот изгледа атлетски и спортски. Однапред доминира големиот знак на Renault, a одзади агресивните светлосни структури кои изгледаат налутено и подготвени за спортски настап. Полн погодок на дизајнерскиот тим на Renault, а особено на Laurens van den Acker – ова е негово прво возило за Renault, но според ова што го гледаме неговата иднина во компанијата ветува многу.

Можеби ќе помислите дека Clio е модел со три врати, но всушност новото Clio ќе се нуди само како модел со пет врати. Задните кваки се успешни скриени во Ц-столбот и благодарение на тоа Clio може да се пофали со спортскиот изглед. Искрено, не можеме да разбереме зошто ова решение не е употребено кај секој хечбек.

Интересната форма во комбинација со црните и хромирани детали, 16-инчните фелни и „камуфлираните“ задни врати ја комплетираат сликата за еден модерен и привлечен мал хечбек со спортски аспирации.

Поврзано:  Renault R17 Electric Restomod e ретро-модерно електрично возило!

Сепак, да бидеме реални – автомобилите од оваа класа одамна ги надминаа димензиите кои се сметаат за „мали“. Новото Clio е долго 4062 милиметри, широко 1732 милиметри а високо 1448 милиметри. Благодарение на дарежливото меѓуоскино растојание од 2589 милиметри во внатрешноста има сосем доволно простор за возачот и тројца сопатници, а по потреба може да собере и трет патник на задната клупа, но исклучиво за пократки релации. Багажникот е со зафатнина од 300 литри, а отворот е правилен и лесен за внесување и поголеми предмети.

Во внатрешноста, возачот и патниците ќе бидат пречекани од модерно дизајнирана кабина со привлечни детали – нам особено ни се допадна кластерот со инструменти. Материјалите се воглавно квалитетни и фини на допир, но ќе забележиме на недостатокот на кожен волан (кој може да се добие во највисокото ниво на опрема).  Само возачкото седиште се прилагодува по висина, но затоа воланот може да се прилагоди по длабочина и по висина, па лесно се наоѓа добра возачка позиција.

Она што нè израдува е опременоста на нашиот тестен модел. Покрај интересните спортски седишта, во внатрешноста пронајдовме мултимедијален уред осетлив на допир кој нуди Bluetooth поврзување со мобилен телефон, навигација, можност за репродукција на MP3 записи преку USB приклучок и многу други функционалности кои не сме навикнати да ги очекуваме во оваа класа на возила. Одличен потег на Renault!

Сега, кога веќе ја погодивме возачката позиција и музиката на радиото, време е да пробаме како Clio се однесува кога сме зад воланот – и можеме да потврдиме дека Clio е забавен мал автомобил. Благодарение на прецизното управување и одличната суспензија, Clio гладно ги очекува свиоците, а низ нив проаѓа без никаква драма. Навалувањето во свиоците е контролирано, но уживањето малку ни го намалија зимските пневматици со кои беше опремен нашиот тестен модел. Сепак, и покрај нив бевме позитивно импресионирани од стабилноста и управливоста на малиот Французин. Како и секој мал хечбек, Clio на моменти покажува наклонетост кон подуправување, но тоа лесно се корегира и автомобилот повторно се движи во саканата насока. Менувачот е прецизен, но би сакале одот да е малку пократок.

Под поклопецот се најде новиот 0.9-литарски три-цилиндерски турбо мотор. Овој мотор испорачува 90 коњски сили, а благодарение на турбо-полначот има перформанси кои се повеќе од доволни за градски услови. Забрзувањето до 100 километри на час трае 12.2 секунди а максималната брзина е 182 километри на час, но ќе ви биде потребно долго парче автопат за да ја постигнете.

Поврзано:  Новиот Symbioz пристигна во салонот на Renault во Скопје

Моторот се нуди и со Start & Stop технологија која позитивно влијае на потрошувачката, која според фабричките податоци изнесува само 5.6 литри на 100 километри во градски услови. Ние не успеавме да постигнеме толку ниска потрошувачка, но приметивме дека со нормално возење во градски услови, нашето тестно возило трошеше малку над 7 литри на 100 изминати километри.

По сето ова, можеме со сигурност да кажеме дека Renault има сериозен натпреварувач во оваа класа. Кај малите градски автомобили, неретко дизајнот одлучува – а токму тука новото Clio е на самиот врв во класата. Храбриот дизајн, заедно со интересниот мотор и богатата опременост го прават Clio да биде во потесниот избор на автомобили во оваа класа. Можеме само да кажеме дека Clio не само што ги исполни нашите очекувања, туку и сериозно ги надмина. Со оглед на спортскиот карактер на „цивилното“ Clio, со нетрпение го очекуваме моментот кога ќе седнеме зад воланот на спортската RS верзија!

  • 0.9-литарски турбо-бензински агрегат
  • Моќност: 90 коњски сили / 5000 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 136 Nm / 2500 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 182 км/час
  • Забрзување 0-100: 12.2 секунди
  • Должина: 4062 mm
  • Ширина: 1732 mm
  • Висина: 1448 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2589 mm
  • Багажен простор: 300 литри
  • Потрошувачка: 5.6 (официјална, градска), 7.2 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: Renault Clio Expression Energy 0.9 TCe S&S – 13.412 Евра
    + Пакет LOOK (EUR 450), металик боја (EUR 600), детали во сјајна црна боја (EUR 200).

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.