Новиот Rolls Royce Wraith ќе чини 245.000 евра, но на возачите ќе им понуди многу повеќе од само моќ – ќе им даде престиж, луксуз и вистински статус.
Сега, кога веќе знаеме дека никогаш нема да можеме да си го дозволиме, да позборуваме за новиот Wraith. Wraith е уште еден синоним за дух, односно привид и го следи трендот на Rolls Royce да ги именува своите автомобили по надприродни појави – веќе ги имаат Phantom и Ghost.
Под тој навидум километарски поклопец се крие 6.6-литарски V12 агрегат со два турбо полначи кој нуди 625 коњски сили и импресивни 800 Nm вртежен момент. 100 километри на час пристигнуваат за 4.2 секунди, а максималната брзина сеуште не е објавена. Сета таа моќ се пренесува кон задните тркала преку 8-степен автоматски менувач на ZF.
Секако, како и кај секој Rolls Royce, максимално внимание е посветено на ентериерот, а тука Wraith се истакнува со најквалитетните материјали, одлична изолација и едноставно најдобриот комфор кој може да се најде. Како што Англичаните милуваат да кажат, за се да може да се случува без никаков напор.
Но за уште повеќе да го зголеми комфорот и уживањето, новиот Wraith ќе доаѓа со вграден систем кој користејќи GPS ќе ги знае свиоците кои доаѓаат, и автоматски ќе го избере соодветниот степен на пренос за вашиот автомобил и патот кој доаѓа. Импресивно, и помалку застрашувачки.