McLaren веќе подолг период објавува нови детали и фотографии за предводникот на нивната понуда – новиот P1 – и денес конечно го објави во неговата конечна, сериска форма!
Серискиот модел се издвојува од концептот благодарение на отворите за воздух на предниот дел изработени од карбонски влакна, погуста мрежа на задниот дел, како и гумите за улична употреба. Веќе знаеме дека P1 ќе користи хибриден мотор со 916 коњски сили и 900 Nm вртежен момент. Се очекува да забрзува до 100 километри на час за помалку од 3 секунди а максималната брзина да е поголема од 350 километри на час. За преносот е задолжен 7-брзински автоматски менувач со двојна спојка, а автомобилот може да помине до 10 километри само на електрична енергија, без никаква емисија на штетни гасови.
Темпирањето на McLaren P1 е интересно – тој ќе биде директен конкурент на наследникот на Ferrari Enzo кој го очекуваме во Женева, но веќе има сериозна конкуренција во Pagani Huayra и Koenigsegg Agera R. Иднината на хипер-автомобилите ветува многу!
ДОПОЛНУВАЊЕ: McLaren објави дека цената на P1 ќе започнува од 866.000 фунти, односно кога ќе ја конвертираме таа бројка во валута која ја разбираме,нешто над еден милион евра!