„Летечката Мамуза“ на британскиот производител со германски газда е пред нас – и повторно нуди опулентност и луксуз, баш како што и очекуваме од едно Bentley.
Добро де, шансите се дека никогаш нема да имаме можност да се повозиме во ваков автомобил, но тоа не значи дека не можеме да се радуваме што ваква автомобилска аристократија постои. Она што секогаш сме го сакале кај Bentley е што автомобилите на овој производител никогаш не биле вулгарни, какви што вообичаено се моделите на некои други производители.
Оваа генерација на Flying Spur веќе не го носи Continental во името – а тоа е заради тоа што не е базиран врз основата на новиот Bentley Continental GT, туку е длабоко освежена и надградена верзија на минатиот модел. Екстензивен фејслифт, ако веќе така сакате.
Под поклопецот на моторот се наоѓа добро познатиот (и масивен) 6-литарски W12 мотор со 2 турбо полначи кој испорачува 625 коњски сили и 800 Nm вртежен момент. Сосем доволно моќност за да ја придвижите планетата земја под неговите тркала – а таа моќност ќе ја пренесете преку новиот 8-брзински автоматски менувач. Благодарение на овој огромен мотор Летечката Мамуза ќе полета до 100 километри на час за 4.3 секунди и ќе продолжи да забрзува се до максималните 322 километри на час. Овие бројки воопшто не се лоши ако земеме во предвид дека моторот придвижува огромна 2.5-тонска лимузина во совршена тишина и комфор.