Официјално: Audi RS Q3 – Брз живот на висока нога! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: Audi RS Q3 – Брз живот на висока нога!

Автомобилскиот господар на четирите прстени официјално го претстави новиот RS Q3, и објави повеќе фотографии и детали пред неговото дебитирање во Женева.

Преобразбата од концепниот модел прикажан во Пекинг минатата година опфаќа само неколку минимални козметички измени и намалување на силата на 2.5-литарскиот турбо мотор, од 355 на 310 кс. Однадвор, RS Q3 изгледа значително поагресивно од обичните Q3 модели благодарение на поголемите отвори за воздух на предниот браник, редизајнираната решетка, задниот дифузер, деталите од алуминиум и 19 инчните тркала. Ентериерот е опремен со уникатни спортски седишта обвиени во алкантара и кожа, со дијамантски опшивки понудени како опција, изменета инструмент табла, волан со зарамнето дно, како и повеќе елементи од алуминиум.

Редниот пет-цилиндарски агрегат произведува 310 кс и максимален вртежен момент од 420 Nm достапен помеѓу 1,500 и 5,200 вртежи во минута. Силата се испорачува преку седум-степен менувач со двојна спојка кон постојаниот погон на сите тркала. Според Audi, на автомобилот му се потребни 5.5 секунди за забрзување од место до 100 км/ч, а неговата максимална брзина е електронски ограничена на 250 км/ч. Што се однесува до потрошувачката, најмоќната изведба на Q3 конзумира просечно 8.8 литри гориво на 100 километри.

Управувањето е подобрено благодарение на измените во суспензијата кои го доближиле автомобилот за 25mm поблиску до подлогата, како и поради новите вентилирачки и перфорирани сопирачки дискови со осум клипни шепи. RS Q3 е опремен со Launch Control функција, како и електронска контрола за стабилност (ESC), која има спортски режим, а може и да биде целосно деактивирана. Вкупната маса на автомобилот изнесува 1,730 kg.

Првите испорачки за Европа ќе започнат оваа есен, додека почетната цена во Германија се очекува да биде 54,600 евра.

Поврзано:  ABT го тјунираше Audi SQ8


Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.