Доколку сметате дека новиот A45 AMG изгледа премногу кротко за неговите 360кс, Mercedes претстави специјална верзија којa ја “издава” својата сила преку нејзиниот екстериер, како бодибилдер во тесна маичка.
Специјалната верзија наречена “Edition 1” на моделот му дава тркачки изглед и го прави да биде страшна појава кога ќе се појави во вашиот ретровизор. A45 AMG Edition 1 може да го препознаете по белата боја и графитно сивите спортските линии над хаубата, покривот и долниот дел од вратите, како и дополнителните аеродинамички додатоци – големиот преден дифузер, предните крилца и задниот кровен спојлер. Ретровизорите, предната решетка, капаците на сопирачките и задниот спојлер се украсени со црвени детали, а за да се заокружи изгледот како целина, 19-инчните фелни се обоени во графитна сива боја со црвени централни капаци и се обвиени во пневматици со профил 235/35 R19.
Во ентериерот доминираат црната и црвена боја. Тука се и спортските AMG Performance седишта изработени од кожа и микрофибер, а истиот материјал е искористен на централната конзола и воланот, на кој се наоѓа AMG амблемот, додека “Edition 1” назнаката е наместена на менувачот.
Edition 1 не опфаќа зголемување на перформансите кои и вака се пеколни благодарение на 2.0-литарскиот турбо агрегат со 360кс. Цените на специјалната верзија и стандардниот A45 AMG ќе бидат објавени по неговата светска премиера на автомобилскиот саем во Женева.