Mercedes-Benz официјално ја претстави најмоќната верзија од новата популарна A-класа, која има повеќе под хаубата од сите конкуренти во Ц-сегментот.
A45 AMG ja придвижува 2.0-литарски четири-цилиндарски турбо бензинец со директно вбризгување, кој произведува 360кс при 6,000 вртежи и 450 Nm максимален вртежен момент помеѓу 2,250 и 5,000 вртежи во минута. Ова е најголема моќност извлечена од 2.0-литарски четири-цилиндричен агрегат досега.
Овие бројки му овозможуваат на најмалиот AMG модел да забрза од 0-100 км/ч за само 4.6 секунди, на патот кон неговата електронски ограничена максимална брзина од 250 км/ч. Mercedes тврди дека покрај големата сила, автомобилот успева да постигне релативно ниска просечна потрошувачка на гориво од околу 7 литри на 100 километри.
Силата се испорачува кон сите четири тркала преку седум-степена AMG DCT трансмисија со двојна спојка и со три различни режими на работа. Покрај останатите надоградби на перформансите кои го разликуваат од стандардната а класа, тука се и три-степен ESP систем кој може целосно да се исклучи, спортска суспензија, сопирачки со подобри перформанси и лесни алуминиумски фелни со препознатливиот AMG дизајн, обвиени во 235/40 R18 пневматици.
Екстериерот на прв поглед е речиси идентичен како AMG пакетот за стандардниот модел. А45 AMG се разликува од него со аеродинамичките додатоци на предниот и задниот браник, страничните прагови, дифузерот, двоните трапезоидни и новата предна решетка. Ентериерот доби спортски третман и е опремен со нови седишта со понагласена странична поддршка, волан со зарамнето дно, како и детали од карбон.
Светската премиера на А45 AMG ќе се одржи на автомобилскиот саем во Женева во Март, додека неговата продажба во Европа ќе започне ова лето. Истиот погон ќе се користи и во претстојната CLA45 AMG.