Јапонскиот производител Honda настапи на овогодишниот саем во Детроит со нов концепт за урбан кросовер, базиран на Jazz.
Моделот претставува мал кросовер со спортски дизајн, агресивни линии и задскриени рачки на задните врати. Се протега во должина од 4,300 mm, што значи дека е 23 cm пократок од CR-V, единствениот кросовер во сегашната гама на Honda. Поставен е на истата платформа како и малиот градски автомобил Jazz, а ќе ги користи супер ефикасните “Earth Dreams” погонски единици на Honda.
Сериската верзија на Urban SUV Concept ќе располага со модерен ентериер и технологија. Исто така ќе биде првиот модел со централно поставен резервар за гориво како и флексибилни задни седишта кои овозможуваат многу прилагодувања според вкусот на патниците или потребите за товарење.
Honda веќе потврди сериска верзија, која ќе го следи спортскиот стил на овој концепт. Таа ќе биде претставена во Јапонија подоцна годинава, а во Европа при крајот на 2014.