Возење на Метан – нов начин да се заштеди? – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Возење на Метан – нов начин да се заштеди?

Компанијата Плимонт успешно вгради метански систем во своето возило – Mitsubishi L200. Ние имавме можност самите да го пробаме возилото и да научиме нешто повеќе за метанскиот систем.

Бидејќи ова не е тест на возило, туку репортажа за метански систем, нема да се задржиме на детали за товарното теренско возило на Mitsubishi. Она што е поважно е да подискутираме за метанскиот систем кој е вграден во ова возило.

Според мерењата на Плимонт, ако се земе во предвид новата, пониска цена на метанот во Македонија од 49 денари за еден килограм, заштедата во однос на другите горива е навистина значителна:

  • Заштеда со возење на метан во однос на возење на бензин: 61.5%
  • Заштеда со возење на метан во однос на возење на автогас (плин) – 30% – 35%, во зависност од цената на плинот.

Во споредба, заштедата со возење на плин, во однос на возење на бензин е помеѓу 41 и 45%, во зависност од цената на плинот, која варира од една бензинска/плинска станица до друга.

Интересен детал е дека метанскиот уред може да се вгради и на возило кое користи дизел гориво. Во тој случај, заштедата е околу 25%, но ние забележавме дека кога возилото работи на метан, моќноста е осетно зголемена, а според тестирањата, потрошувачката е намалена. Исто така, мора да се напомене и дека благодарение на метанскиот систем, значително се намалува чадот, а со тоа и емисијата на штетни гасови.

Според Плимонт, идејата на метанскиот уред наменет за дизел возила е да се намали потрошувачката на гориво, односно да се помине поголем број километри со едно полнење. За да се постигне максимален радиус на движење, возилото мора да ја има истата или зголемена моќност како и на дизел. Конкретниот случај со возилото во кое веќе е вграден овој метански уред е токму таков – намалена потрошувачка  а зголемена моќност.

Dual-Fuel уредот користи софистициран систем за вбризгување на гас, кој заменува дел од дизел горивото. Метанот се чува во специјален резервоар наменет за тоа, кој треба да издржи висок притисок. Вградениот резервоар е со дебелина од 7.6 милиметри, а тежи 73.5 килограми. Може да собере 80 литри, односно 13.3 килограми метан.

„Dual-Fuel“ е систем за конверзија на дизел моторите за да можат да користат и мешавина на дизел и гас. За време на работата, системот го овозможува и го контролира вбризгувањето на CNG и дизел во променливи параметри, и ги зема во предвид сите параметри кои зависат од режимот на работа на моторот. Механички промени кај моторот не се потребни, бидејќи палењето останува загарантирано со вбризгување на дизел-горивото, додека метанот се вбризгува во всисната гранка преку специјални бризгалки. Како и кај плинските уреди, и кај Dual-Fuel уредот, можно е работење и само на дизел, и во комбинација од дизел и метан.

За да се задржат истите целни вредности на моторот, дополнителниот CNG мора да биде компензиран со намалување на вбризгувањето на дизел. Соодветно на тоа, се намалува потрошувачката на дизел, а истовремено се намалува и емисијата на штетни гасови, односно CO2, а се задржуваат истите, или се добиваат зголемени перформанси.

Секако, за метанскиот уред да работи оптимално потребна е детална калибрација на системот. На крајот, можеме да сумираме дека се намалуваат трошоците за експлоатација на возилото и се намалува загадувањето, додека истовремено се добива зголемена моќност на дизелското возило. Иако, за жал метанските станици сеуште се реткост – има по една во Скопје и Куманово – се надеваме дека наскоро нивниот број ќе се зголеми, а Метанот ќе стане посекојдневна опција за користење во нашите возила. Истовремено, навистина сме радосни што едно вакво возило секојдневно се употребува и кај нас и по нашите улици. На крајот, да ја напоменеме и цената на овој уред, која изнесува 1200 евра, а времето потребно за инсталација е еден до два работни дена.

Фотографија: Кристијан Ивановски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.