TopCar го претстави својот проект Inferno кој нуди 760 кс а е базиран на новиот Mercedes-Benz ML 63 AMG.
Стандардниот ML 63 AMG е придвижуван од 5.5-литарски V8 би-турбо агрегат кој испорачува 518 кс и 700 Nm максимален вртежен момент, додека со додатниот AMG Performance пакет силата е зголемена на 550 кс и 758 Nm. Очигледно, Руските тјунери TopCar не биле задоволни со овие бројки па во соработка со Evotech Motorsport решиле да ја подигнат силата на вртоглави 760 кс и пеколен вртежен момент од 1,150 Nm.
За да се истакне од стандардните модели, Inferno пакетот содржи и нов боди кит направен од јаглеродни влакна, во кој спаѓаат преден и заден браник, додатоци на крилата, хауба, прагови, преден сплитер, заден дифузер и спојлер. Тој исто така доаѓа со затемнети задни светла, специјални патосници со логото на тјунерската компанија, алуминиумски педали и инструмент табла во боја по избор.
Засилувањето на моторот чини 21,900 евра, додека за боди китот треба да се доплатат дополнителни 27,070 евра, што значи дека за Inferno пакетот ќе треба да одвоите околу половина од сумата потребна за нов, стандарден ML 63 AMG.