Новата, втора генерација на корејскиот натпреварувач во класата на компактни возила продолжува онаму каде што првата генерација застана, но продолжува да оди со чекори од седум милји!
Првата генерација на KIA Cee’d направи своевидна револуција кај Корејскиот производител. Европскиот компакт, дизајниран и произведуван во Европа со задоволство го гледаме на нашите улици, а тој успеа да ја оправда довербата на многуте купувачи.
Со други зборови, втората генерација треба да пополни големи чевли, а по тоа што го заклучивме откако поминавме неколку дена со новиот KIA Cee’d, можеме без никакви резерви да кажеме дека не само што го достигнува успехот на својот претходник, туку и го надминува!
Да започнеме со дизајнот – новиот Cee’d изгледа модерно и привлечно уште на прв поглед. Ниската предница оддава чувство на спортски карактер, додека големите светлосни структури изгледаат елегантно и достоинствено. Страничната линија е интересна – ги избегнува класичните хоризонтални линии и дури изгледа дијагонална. Гледано од страна, новиот Cee’d изгледа како да е спремен да скокне во секој момент.
Истата приказна продолжува и на задниот дел. Задните светлостни стурктури се широки, а линиите се чисти и јасни – нема непотребни експерименти со дизајнот, а тоа ни се допаѓа.
Но токму внатрешноста е местото каде дизајнерите, но и инженерите на KIA работеле најмногу. Материјалите со кои внатрешноста е обложена се импресивни, навистина при самиот врв во класата. При затворање, вратите прават звук кој оддава чувство на сигурност, безбедност и квалитет, а ентериерот зрачи со својата солидност и рафинираност. Седиштата се комфорни и нудат одлична поддршка и едноставно немаме забелешка за користените материјали.
Приметливо е влијанието на Европските конкуренти кога станува збор и за ергономијата – многу лесно се наоѓа совршената возачка позиција, командите се прегледни и лесни за користење, инструментите се лесно читливи, а сите прекинувачи се токму онаму каде би очекувале да ги најдете. Има сосем доволно место на предните седишта, но и на задната клупа.
Кога веќе зборуваме за просторната понуда, да позборуваме и за опремата со која дојде нашиот тестен модел. Опремен со највисокото ниво на опрема, нашиот Cee’d дојде со двозонски клима уред, сензори за паркирање со камера, мултимедиски уред со екран осетлив на допир и 1200 мегабајти простор за складирање на вашата музика, FlexSteer систем за нагодување на серво-уредот, и многу други ситници кои го издвојуваат Cee’d од конкуренцијата! Ни се допаднаа и деталите кои обично ги гледаме кај поголемите и поскапите автомобили, како на пример малите светла поставени под страничните ретровизори кои го осветлуваат просторот пред предните врати и ја зголемуваат прегледноста при влегување во автомобилот.
Низ градските гужви, Cee’d се однесува сосем коректно. Амортизацијата без потешкотии ги абсорбира сите нерамнини од градските улици, а FlexSteer системот го олеснува движењето и паркирањето, секако надополнето од екстра-практичната задна камера за паркирање која компензира за малку намалената прегледност кон задниот дел. Менувачот е прецизен и неговото користење е вистинско задоволство. На отворен пат е слично како и во град – Cee’d е комфорен и стабилен сопатник на подолгите патувања. Звучната изолација сосема добро си ја завршува својата работа, па патувањата се претвораат во уживање. Секако, ако патувате ќе ви треба простор за вашиот багаж, а 380-те литри се при врвот во класата. Овие 380 литри растат на 1318 кога ќе ги спуштите задните седишта, со што се добива навистина многу корисен простор.
Моторот со кој дојде нашиот тестен модел е веќе познатиот 1.4-литарски атмосферски бензински агрегат кој нуди 100 коњски сили и 136 Nm вртежен момент. Иако перформансите не се стратосферски, сепак 12.4 секунди до 100 километри на час и максиманла брзина од 182 километри на час се сосема доволни за нормално функционирање во градски услови. Потрошувачката изнесува околу 8 литри на 100 километри во градски услови, што повторно е во просекот на класата.
Со секоја генерација, автомобилите на KIA продолжуваат да не изненадуваат со својот дизајн, но и квалитетот и подобрувањето на брендот во очите на купувачите – и таква е приказната и со новиот Cee’d. Стратегијата на KIA да нуди привлечни, Европски автомобили по повеќе од прифатливи цени, заедно со одличната 5-годишна гаранција се покажува како успешен рецепт за Корејскиот производител.
Купувачите веќе започнаа да ги надминуваат стереотипите кога станува збор за некои возила, а тие кои ќе го направат тоа и ќе седнат зад воланот на новиот Kia Cee’d ќе бидат навистина пријатно изненадени од сето она кое овој комплетен градски автомобил го нуди.
- 1.4-литарски бензински агрегат, 4 цилиндри
- Моќност: 100 коњски сили / 5500 вртежи во минута
- Вртежен момент: 136 Nm / 4200 вртежи во минута
- Максимална брзина: 182 км/час
- Забрзување 0-100: 12.4 секунди
- Должина: 4310 mm
- Ширина: 1780 mm
- Висина: 1470 mm
- Меѓуоскино растојание: 2650 mm
- Багажен простор: 380 литри
- Потрошувачка: 7.9 (официјална, градска), 8.3 (измерена, градска)
- Цена на тестираниот модел: KIA Cee’d 1.4 EX Style – 15.950 Евра
Фотографија: Дејан Маликовски