По долготрајното шпекулирање, Lamborghini конечно го официјализираше Aventador LP700-4 Roadster!
Иако се очекуваше да се понуди со платнен кров, сличен на оној кај Murcielago Roadster, новиот Aventador Roadster ќе доаѓа со кров од јаглеродни влакна. Кровот ќе може лесно да се извади и да се смести во предниот дел на автомобилот. Кровот тежи помалку од 6 килограми, што е исклучително лесно за еден ваков систем. Покрај кровот кој се вади, Aventador Roadster ќе им овозможи на возачот и совозачот самите да одберат колку од звукот и ветерот сакаат да влезат внатре во автомобилот, преку задното ветробранско стакло кое е целосно автоматизирано.
Покрај „отсекувањето“ на кровот, Lamborghini ќе понуди и нови тркала, како и нови бои, а моторот останува истиот 6.5 литарски V12 агрегат кој испорачува 700 коњски сили, и му овозможува на автомобилот да забрза до 100 километри на час за 3 секунди (0.1 секунда повеќе од „обичната“ изведба) , и да продолжи да забрзува до над 300 километри на час!
Според Lamborghini, новиот Lamborghini Avenador LP700-4 Roadster е сон кој може да се оствари кај секој дилер на Lamborghini во светот, за само 300.000 евра плус даноци!