Официјално: 2013 Mercedes-Benz SLS AMG Black Series – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: 2013 Mercedes-Benz SLS AMG Black Series

Ова е новиот 2013 Mercedes-Benz SLS AMG Black Series, најновиот член на Black Series семејството. Германскиот бренд ги објави деталите пред јавното дебитирање на автомобилскиот саем во Лос Анџелес.

Исто како останатите Black Series модели, SLS AMG има повеќе сила, помала маса и подобрена аеродинамика. Под поклопецот се наоѓа истиот 6.2-литарски V8 агрегат кој сега произведува 622 кс, наместо стандардните 583 кс. Неговата црвена линија е поместена од 7,200 на 8,000 вртежи во минута, a максималниот вртежен момент незначајно е намален од 648 Nm на 634 Nm.

Зголемената сила и намалувањето на тежината одземаа 0.2 секунди од неговото забрзување од 0-100 км/ч, така што SLS AMG Black Series може да го направи тоа за само 3.6 секунди, додека неговата максималната брзина изнесува 315 км/ч. При нормално возење, овој спортист забележува просечна  потрошувачка на гориво од 13.7 литри на 100 километри и емитира издувни CO2 гасови од 321 грам на километар.

Што се однесува до дизајнот, SLS AMG Black Series има позајмено неколку стилски елементи од GT3 верзијата, со 20mm напред и 24mm назад проширени трагови на тркалата. Опремен е со 20-инчни лесни алуминиумски фелни и стандардни карбонски керамички сопирачки.

Предниот сплитер, страничните прагови и долниот заден дифузер се направени од јаглеродни влакна. Во дифузерот се вметнати четирите издувни цевки од издувниот систем кој тежи само 17 килограми. Со голема употреба на елементи од карбон и отстранување на луксузните системи, Black Series моделот е за 70 килограми полесен од стандардниот, што значи дека масата на автомобилот е намалена на 1550 килограми.

Mercedes-Benz нуди опционален карбонски аеро пакет кој вклучува прилагодливо задно крило и предни додатоци кои би создавале повеќе потисна сила и би ја подобриле стабилноста при високи брзини. Покрај останатото, автомобилот е опремен и со нов електронски блокирачки диференцијал и карбонска осовина. Адаптивната спортска суспензија и “launch control” системот се исто така дел од пакетот.

Во ентериерот се наоѓа карбонска централна конзола и лесни спортски седишта, како и волан обвиен во алкантара. Германците симнале 6 kg со отстранување на мултимедијалниот систем, додека останати 8 kg се симнати со заменување на стандардната батерија за стартување на автомобилот со литиум-јонска.

Поврзано:  Brabus 1000 All Grey е сив Mercedes со 1000 коњски сили

Не се објавени официјални информации за цената на автомобилот, но се очекува таа да биде двојно поголема од онаа на SLS AMG GT.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.