Времеплов: Историјата на Ford Fiesta – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Времеплов: Историјата на Ford Fiesta

Денес ќе ве вратиме назад низ времето, потточно во 1972 година кога се раѓа идеата за мал, градски автомобил – Ford Fiesta. Денес е еден од најпопуаларните градски автомобили, па да ја погледнеме историјата на овој автомобил.

Се започнува во 1972 година, кога кај Henry Ford II се родила идејата да создаде мал, градски автомобил и тогаш започнал тајниот проект наречен „Bobcat“. Овој проект претставувал само првична идеја за нов автомобил, но без конкретни резултати и се одвивал на двата континенти – во Европа и во Америка.

Само една година подоцна, во 1973 година, потребата за еден ваков автомобил се зголемува. Светската криза за гориво е главната причина што на светот му бил потребен еден мал автомобил со мал мотор, а воедно и мала потрошувачка, кој ќе биде олеснување во тие тешки времиња. Така, оваа година бордот на директори на Ford едногласно му дал зелено светло на проектот „Bobcat“.

Набргу потоа, во 1974 година е отворена големата фабрика на Ford во Валенсија, Шпанија, а наредната година, во 1975 во оваа фабрика започнува производството на мотори. Со отварањето на оваа фабрика, проектот “Bobcat” дошол поблиску до своето производство. Во ова време, потребно било да се избере името на серискиот автомобил кој ќе произлезе од овој проект. Интересен факт е тоа што бордот на директори едногласно го избрал името “Bravo”, но Henry Ford II лично не се согласил со тоа, па така го проектот го добил своето денешно име – Fiesta.

Конечно 1976 година во Мај започнува производството на Ford Fiesta во новоотворената фабрика во Валенсија. На самиот почеток Fiesta ги добива 1.0 и 1.1-литарските бензински мотори. Истата година на саемот за автомобили во Торино, Ghia ги претставува двата концепти на Fiesta – Corrida и Prima.

Во 1979 година се раѓа и идеата за спортската верзија на Fiesta со претставувањето на специјалната Monte Carlo Rally верзија, која е и инспирација за еден од легендите на овој модел – Ford Fiesta XR2. Во 1981 година е претставен овој автомобил кој го носел 1.6 литарскиот бензинец, имал потврда суспензија како и повеќе измени во изгледот. XR2 се вбројува во легендите на Ford, а е и првата Fiesta која развивала повеќе од 160 километри на час.

По големиот успех кој го донела Fiesta, како најдобриот автомобил во Германија и Британија шест години по ред, во 1983 е промовирана и втората генерација на Fiesta. Втората генерација на Fiesta е подолга и поекономична од својот претходник. Оваа генерација е понудена со 1.0 и 1.1 бензинските мотори, а подоцна бил претставен и 1.3 литарскиот бензинец кој бил во комбинација со 5-степен менувач.

Во наредните години, претставена е новата верзија на XR2, а подоцна, во 1986 година е претставен и 1.4 литарскиот бензинец на Ford.

Веќе во 1989-та година е претставена третата генерација на Fiesta, која во тоа време била огромен напредок. Ford Fiesta MK3 е и првиот мал автомобил кој имал ABS! Третата генерација на Fiesta е и за прв пат понудена во верзија со пет врати. Оваа генерација била во комбинација и со новиот 1.4 литарски бензинец – првиот мотор кој ги задоволувал Европските стандарди кои требало да почнат да се применуваат во 1996. На овој мотор му се придружува и 1.6 литарскиот бензинец, а и оваа генерација добива своја XR2 изведба која е и всушност најмоќната и најопремената верзија на Fiesta.

Почетокот на 90-те години е обележан со претставувањето на Ford Fiesta RS – најмоќната Fiesta дотогаш. Подобрениот 1.6 литарски бензинец од XR2 заедно со турбополнач ја прави Fiesta RS побрза до 100 km/h од дотогаш најмоќната Fiesta XR2.

Набргу потоа, Ford во 1991 година ја претставува и Fiesta Courier Van, а во 1992 година е претставен и новиот 1.8 литарски 16 V Zetec мотор кој бил вградуван во XR2. По претставувањето на овој мотор, тој освен во XR2 почнува да се вградува и во новата RS изведба на Fiesta – Ford Fiesta RS 1800. Во 1993 Ford одлучува дека секоја Fiesta како стандардна опрема ќе вклучува воздушно перниче за возачот.

Во 1996 година е претставена 4-та генерација на Fiesta која за разлика од своите претходници нудела заоблени линии  и поголема аеродинамичност. Оваа генерација била понудена со 1.25, 1.4 и 1.6 литарските бензинци, но за прв пат и во дизел варијанта – со 1.8 литарскиот дизел агрегат. До претставувањето на наредната генерација на Fiesta, четвртата генерација на овој автомобил претставува основ на неколку концепти, меѓу кој и оној на Ford Puma.

Во 1999 е претставена петтата генерација на Fiesta, која всушност е екстензивен фејслифт на четвртата генерација. Со претставувањето на оваа генерација, Ford ја лансира и најмоќната верзија – Ford Fiesta Zetec S.

Со почетокот на новиот милениум, Fiesta го добива и дотогаш најмоќниот мотор – 1.8 литарски турбо дизел. Веќе во 2001 година во Франкфурт е претставена и 6-та генерација на Fiesta која почнува да се произведува во Валенсија и во Келн.

Во 2002 година е година во која Fiesta добива повеќе новитети. Најголемиот новитет се новите мотори кои ќе бидат дел од Fiesta, тоа се 1.3 и 1.6 16 V литарските бензинци со Duratec технологијата. Набргу потоа во понудата е додаден и 1.4 литарскиот Duratec бензинец. Во наредните години се претставени неколку спортски верзии на оваа Fiesta, а во 2005 година е претставена најмоќната верзија на Fiesta до тогаш – Fiesta ST која развива 150КС!

Во 2007 година по повод 30 годишнината на Fiesta, Ford лансира лимитирана верзија на Fiesta, а истата година на саемот во Франкфурт, Ford со својот концепт Verve целосно го сврте вниманието кон себе. Динамичниот концепт, дизајниран според Kinetic Design претставуваше еден огромен напредок кај малите автомобили. Verve концептот всушност претставуваше најава за најновата, седма генерација на Fiesta.

Најновата, седма генерација на Fiesta беше претставена во 2008 година на саемот за автомобили во Женева, а почна да се произведува во Келн, Валенсија и Кина. Оваа генерација на Fiesta во својата понуда го има и најмоќниот 1.6 литарски Duratec Ti-VCT бензинец и 1.6 литарскиот дизел агрегат. Покрај овие посилни мотори, во својата редовна понуда Fiesta ги вбројува и новиот 1.25 литарски бензинец со 82 КС развиен во соработка со Yamaha, веќе добро познатиот 1.4 литарски бензинец и 1.4 TDCI дизел агрегат.

Во 2009 година, Fiesta е претставена во Северна Америка со што почнува глобализацијата на овој модерен, градски автомобил. Наредната година, односно во 2010 Fiesta го добива приматот како најпродаван автомобил во Европа. Истата година во Париз на саемот за автомобили е претставена и рели верзијата на Fiesta – Fiesta RS Rally Car.

Минатата година, Fiesta продолжи со своите успеси, како еден од најпродаваните модели во Европа. Свои успеси Fiestа имаше и во рели натпреварвањата. Во 2011 година, Fiesta славеше 35 години од своето постоење во кои овој модел бил продаден во повоќе од 15 милиони примероци.

Најнови информации за Fiesta доаѓаат оваа година, а ние веќе пишувавме за нив – беа претставени моќната ST  верзија како и фејслифтот на седмата генерација на овој популарен градски шмекер.

 

 



Во своите најлуди соништа Димитар вози Ford Fiesta ST, а во реалноста ја обожава својата "нормална" Fiesta. Среќен што е дел од CARclub.