И Chevrolet ќе се обиде на саемот во Las Vegas да понуди нешто ново и несекојдневно. Денес ги претставуваме првите концепти од Chevrolet кои ќе бидат изложени на SEMA Show!
Chevrolet на SEMA ќе се претстави со неколку различни автомобили и уште толку различни стилови.
Но, најпрво да ги претставиме најинтересните. Ќе започнеме со агресивната џебна ракета – Spark Sinister Concept. Црната боја на каросеријата, надополнета со црвени детали и бодикитот инспириран од рели автомобилите го прави овој Spark интересен градски „тркач“. Големите странични прагови, заден спојлер и поголемите отвори за воздух на предната маска само ја надополнуваат агресивноста на Sinister Concept. Овој концепт нуди и детали од јаглеродни влакна, прилично големи фелни – 18-инчни – и спортска суспензија со која се спушта автомобилот за неколку сантиметри.
Еден од поинтересните е и Cruze Upscale Concept. Без драматични промени на изгледот, овој концепт совршено го открива лицето на спортскиот, а воедно и елегантен седан на Chevrolet. Токму тоа што му недостига на Cruze – една несекојдневна боја, затемнети прозорци, големи 19-инчни фелни и секако, спортска суспенизја со која Cruze е прилично понизок. Исто така, Upscale Concept нуди и луксузна внатрешност во која преовладува кожен ентериер со црни елементи на централната конзола.
Aveo Z-Spec 2.5 е исто така еден од поинтересните концепти кои ќе ги видиме во Las Vegas. Овој тјунинг концепт на Американска верзија на Aveo (Sonic) ни покажува дека и овој модел може да изгледа застрашувачки на патот. Со помош од Chevrolet Performance и оригинални GM делови, овој концепт треба да понуди и интересни перформанси. Надворешно, измените се сведени на минимум, па така белата боја совршено се вклопува во дизајнот на автомобилот кој доаѓа со 18-инчни фелни со портокалови детали, поголем заден спојлер, сменета графика на предните светла и преден спојлер. Исто така и ова Aveo е спуштено за неколку сантиметри. Информации околу перформансите сеуште нема, но се очекува Z-Spec 2.5 Concept да биде навистина моќен!
Останатите концепти кои исто така се интересни, може да ги погледнете во галеријата подолу.
Chevrolet дефинитивно ќе понуди нешто интересно во Las Vegas, а нам ни останува да ве потсетиме дека и понатаму ќе бидеме во тек со случувањата на SEMA Show и секојдневно ќе ве информираме за интересните информации поврзани со автомобилите.