Покрај проектот на ARK Performance, корејскиот автомобилски производител објави детали од концепт базиран на Veloster, кој ќе дебитира на SEMA.
Наречен Velocity, модифицираниот Veloster претставува соработка помеѓу дизајнерските и инженерски дивизии на техничкиот центар на Hyundai Americа во Калифорнија. За измените во моторот беше задолжен реномираниот Британски тјунер Cosworth, кој го претвори стандардниот 1.6-литарски турбополнет агрегат во перформансен ѕвер. Со помош на надоградби кои се состојат од нови клипови, турбополнач, интеркулер, систем за довод за воздух, систем за довод на гориво и репрограмирање на компјутерската единица на моторот неговата сила е зголемена од 201 кс и 265 Nm на 400 кс и 475 Nm вртежен момент.
Засилувањето на моторот е придружено со измени на шасијата кои вклучуваат нова суспензија со Bilstein пружини, Brembo сопирачки со 4-клипни клешти и дво-делни ротори, како и нов сет од 19-инчни фелни обвиени во Kumho Ecsta SPT 275/35R19 гуми со високи перформанси.
Velocity исто така ја истакнува огромната сила преку агресивниот боди кит со огромен заден спојлер и заден дифузер, како и измените во ентериерот кои опфаќаат додавање на заштитен кафез и Katzkin специјален кожен тапацир.