Volkswagen не нé остави да чекаме до 30-ти ноември и саемот во Los Angeles за да ја претстави „топлес“ верзијата на популарната Буба. Веќе ги имаме првите информации и фотографии!
Дизајнот го следи истиот ретро дизајн како и на хеџбекот, а и оваа генерација на Beetle Convertible ќе биде понудена со мек покрив како што беше случајот и со минатата.
За жал немаме повеќе фотографии од 2013 Beetle Convertible, посебно каде што е со затворен покрив, но од VW тврдат дека комбинцијата на прав покрив заедно со исправеното предно ветробранско стакло наликува на првата генерација на Beetle Convertible.
Автоматскиот покрив овој пат е во сите нивоа на опрема, а неговото спуштање, односно кревање трае околу 10 секунди – секако при брзини до 50 km/h.
Од VW изјавија дека безбедноста на патниците е подобрена со зајакнување на A-столбовите како и со новиот roll-bar зад задните седишта.
Како и секогаш, ќе можеме да очекуваме неколку различни бензински и дизел мотори. Бензинците ќе нудат помеѓу 1.2 и 2 литри зафатнина, и помеѓу 105 и 200 коњски сили. Дизелите ќе бидат веќе познатите 1.6 литарски и 2.0 литарски турбодизел агрегати, со 105 или 140 коњски сили. Продажбата ќе започне следната година, кога ќе ги добиеме и точните цени и спецификации.
Продажбата на Beetle Convertible ќе стартува во Ноември во Германија, а потоа и во другите Европски држава, а почетната цена ќе биде 21.350 евра.