Audi тукушто го прикажа новиот Crosslane Coupe концепт – мал урбан теренец полн со напредна технологија и придвижуван од импресивен хибриден погон!
Crosslane Coupe е најновиот концепт на Германскиот производител, но она што е навистина важно е технологијата и погонот кои се кријат зад овој мал автомобил. Придвижуван од иновативен хибриден погон кој е составен од 1.5-литарски, 3-цилиндерски TFSI агрегат и два електромотори, малиот Crosslane Coupe Concept ветува импресивни перформанси, но и изненадувачки ниска потрошувачка.
Автомобилот е тежок 1390 килограми, бројка која на прв поглед е малку висока, но ако земеме во предвид дека тежината вклучува и голема литиум-јонска батерија, тогаш и не е толку лоша. Хибридниот погон испорачува вкупно 177 коњски сили и му дозволува на малиот Crosslane Coupe да забрза до 100 километри на час за 8.6 секунди во комбиниран режим на работа, односно 9.8 секунди доколку работи само на струја. Максималната брзина е 182 километри на час, но најважната броја е онаа за потрошувачката – Audi Crosslane Coupe троши само 1.1 литар гориво на 100 изминати километри, и испушта само 26 грама CO2 на изминат километар!
Поставеноста на хибридниот погон е интересна. Класичниот мотор со внатрешно согорување нуди 130 коњски сили и 200 Nm вртежен момент. Едниот електромотор се користи воглавно како стартер и алтернатор и нуди 68 коњски сили и 210 Nm вртежен момент. Вториот мотор се користи за електрично придвижување на тркалата и нуди 116 коњски сили и 250 Nm вртежен момент.
Исклучиво на електричен погон можно е да се вози со брзини до 130 километри на час и би требало да може да се поминат околу 86 километри.
Автомобилот е изработен од лесни и напредни композитни материјали, и всушност нуди и кабриолет варијанта со отворен кров. Во концептот има место само за двајца, но сигурни сме дека ако некоја верзија отиде во сериско производство, во автомобилот ќе има место за четворица.