Први фотографии од новиот Volkswagen Golf GTI! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Први фотографии од новиот Volkswagen Golf GTI!

Само неколку дена пред неговата официјална премиера на авто-саемот во Париз, протекоа првите фотографии од GTI верзијата на најновата, седма генерација на Volkswagen Golf!

Иако автомобилот што Volkswagen ќе го претстави во Париз ќе биде само концепт, сепак познавачите најавуваат дека ќе биде многу сличен (односно идентичен) со серискиот модел кој би требало да го очекуваме на почетокот на следната година. Според подобро информираните, сериската верзија на Golf GTI можеме да ја очекуваме за околу една година по почетокот на продажбата на обичниот модел.

Сеуште немаме никакви официјални податоци за моторот кој ќе го придвижува новиот GTI, но според најавите можеме да очекуваме 2-литарски турбо-бензински агрегат кој ќе испорачува помеѓу 215 и 230 коњски сили. Моќноста во комбинација со намалената тежина на автомобилот ветуваат одлични перформанси.

Од фотографиите можеме да приметиме поагресивни браници напред и позади, како и спортски странични прагови. Тркалата изгледаат како да се со големина од 18 или 19 инчи, а фелните се направени врз основа на веќе препознатливите Phonedial тркала кои ги носеше досегашниот GTI. Во внатрешноста се забележува црвениот конец на управувачот и менувачот, како и длабоко профилираните спортски седишта.

Повеќе ќе знаеме наскоро, а во меѓувреме погледнете ги првите фотографии од новиот Golf GTI – како и секогаш, прво на CARclub!



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.