Toyota го претстави обновениот Verso, само неколку дена пред неговото јавно дебитирање на Парискиот Автомобилски Саем.
Надворешниот изглед на овој моноволумен со седум седишта е изменет во стилот на новите модели на Toyota, со нова трапезоидна решетка на предниот браник, како и поголем знак и детали од хром. Предните светлосни групи се редизајнирани и сега содржат LED дневни светла. Благо изменет е и профилот на автомобилот, со нови ретровизори на вратите и потемна боја на 17-инчните алуминиумски тркала.
Измените во внатрешноста вклучуваат нова црна боја, нови материјали за седиштата кои сега се со подобрена странична поддршка, хромирани детали и опционален кожен тапацир. Моделот исто така располага со подобар дизајн на А-столбот и подобра изолација на звукот, што значи дека вревата од ветрот во кабината е намалена. Багажниот простор во новиот Verso изнесува 155 литри, додека со преклопени седишта се зголемува на 440 литри.
Постоечкиот 2.0-литарски дизел агрегат е подобрен, со подобар пренос на вртежниот момент при ниски вртежи и намалување на издувните гасови, кои сега се помалку од 130 грами на километар. Исто така ќе биде понуден и 2.2-литарски дизел мотор со 175 кс, усогласен со шест-степен рачен менувач. Ќе биде достапен и автоматски шест-степен менувач, но во верзија намалена на 148 кс. Понудените 1.6 и 1.8-литрени агрегати ќе бидат преземени и неизменети од претходниот модел на Verso.
Тoyota ја зајакна шасијата на новиот модел со цел да ги подобри цврстината и управувањето, додека суспензијата е изменета за да овозможи помирно возење. Електронското серво управување е прилагодено за подобро чувство и да овозможи да се пренесат повеќе повратни информации од патот.