Вчера својата премиера ја имаше најновата, седма генерација на Volkswagen Golf, автомобилот по кој е наречена класата во која тој се натпреварува. Денес ви ги пренесуваме сите детали за новиот знаменосец на Volkswagen.
Како и секогаш, кај дизајнот на Golf не смееме да очекуваме драстични промени и револуционерни измени. Името на играта кај Golf секогаш било „Резервирана Еволуција“ – и токму тоа е приказната и овој пат. Веќе на прв поглед можеме да препознаеме дека се работи за Golf – а тоа е тоа што всушност и треба да се очекува кај овој модел на Volkswagen.
Најважните промени нема ни да ги видиме – но со сигурност ќе ги почувствуваме. Новата MQB платформа на Volkswagen (која е основа и за Audi A3 и новиот Seat Leon) носи мноштво новитети кои ќе му овозможат на Golf да остане конкурентен во самиот врв на класата. Новите техники за изработка, новата платформа и другите измени носат заштеда на тежина и до 100 килограми! Од Volkswagen објаснуваат дека 3 килограми се заштедени од новата електрична инсталација, 12 килограми од опремата во автомобилот, 26 килограми благодарение на алуминиумските компоненти во шасијата и цели 38 се заштедени во каросеријата. Тоа значи дека основниот модел ќе тежи само 1050 килограми!
Во внатрешноста ќе може да се добие голем 8-инчен мултимедијски уред кој ќе нуди навигација, поврзување со телефон итн, а за прв пат во Golf ќе се нуди и електронска рачна кочница со Hill-Hold Assist функционалност за тргнување по нагорнини. Стандардно ќе се нуди и multi-collision систем кој по потреба ќе ги употреби кочниците при судар за да ја намали кинетичката енергија која се ослободува и да ги намали шансите за втора несреќа. Секако, ќе се нуди и PreCrash систем кој ќе ги затвора прозорците и сончевиот кров, и ќе ги затега сигурносните ремени со цел да се заштитат патниците колку што е можно повеќе.
Покрај овие безбедносни системи, во Golf ќе се нудат и Front Assist, кој ќе може целосно да го запре возилото при брзини до 150 километри на час, City Emergency Braking кој работи при брзини до 30 километри на час, адаптивниот темпомат и Park Assist системот за автоматско паралелно паркирање, на кој му е потребен само 80 сантиметри простор подолг од возилото за да може да ја изврши својата функција.
Кога веќе зборуваме за димензиите, можеме повторно да нагласиме дека новиот Golf е долг 4255 милиметри долг, 1799 милиметри широк и 1452 милиметри висок. Тоа значи дека е 56 милиметри подолг, 13 милиметри поширок и 28 милиметри понизок од својот претходник. Меѓуоскиното растојание е 2637 милиметри – цели 59 милиметри повеќе од шесттата генерација.
На крајот, мораме да позборуваме и за моторите. Во новиот Golf ќе се вградуваат бензинските и дизел мотори на Volkswagen од најновата генерација, и ќе нудат нешто за сечиј вкус. Бензинците се 1.2 литарскиот TSI со 85 коњски сили и 1.4 литарскиот TSI со 138 коњски сили – мотор во кој за прв пат ќе се вградува и систем за деактивација на цилиндри. Потрошувачката кај овој мотор ќе изнесува само 4.8 литри на 100 изминати километри.
Секако, тука се и турбо-дизелските TDI агрегати. Основниот мотор е веќе познатиот 1.6 TDI со 105 коњски сили, а новина е 2.0-литарскиот TDI кој сега ќе нуди 150 коњски сили и ќе нуди потрошувачка од 4.1 литар на 100 изминати километри. Најекономичен ќе биде TDI Bluemotion моделот кој ќе има потрошувачка од само 3.2 литри на 100 километри.