2013 Volkswagen Golf – Први официјални детали – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

2013 Volkswagen Golf – Први официјални детали

Volkswagen ги објави првите официјални детали од седмата генерација на Golf, неколку дена пред официјалното претставување на автомобилот во Берлин на 4-ти Септември.

Новата генерација на Golf е 4255mm долга, 1799mm широка и 1452mm висока, што значи дека е 56mm подолга, 13mm поширока и 28mm пониска од нејзиниот претходник. Првиот Volkswagen-ов модел кој е поставен на MQB платформата, исто така вози на шасија која располага со 59mm подолго меѓуоскино растојание од сегашниот Golf, додека трагот на тркалата е поширок за 8mm напред и 6mm позади.

Германскиот бренд изјави дека зголемувањето на надворешните димензии ќе придонесе за големо подобрување во сигурноста при судир, како и зголемување на просторот во внатрешноста. Капацитетот на багажниот простор е зголемен за 30 литри, од претходните 350 на 380 литри.

Покрај зголемувањето на димензиите, Volkswagen тврди дека успеале да “скинат” 100 килограми од тежината на Golf во споредба со неговиот претходник. Ова е постигнато со серија на подобрувања, вклучувајќи употреба на ултра цврст челик во неговата структура, па така сега новата каросерија е полесна за 23 кг.

Според Volkswagen, постигнати се и додатни олеснувања од 26 кг со употреба на алуминиумски компоненти во шасијата, 7 кг поради новиот дизајн на седиштата и 3 кг поради промени во поврзувањето на електрониката на автомобилот, така што тежината на основниот модел би можела да биде само 1050 кг! Како резултат на намалувањето на тежината, потрошувачката на гориво е намалена во просек за 12.9 проценти, додека кај некои верзии има подобрување за 23 проценти.

Vwтреба наскоро да ја објави гамата на мотори, но потврди дека ќе содржи нова генерација на три и четири-цилиндрични турбо дизел агрегати, заедно со основниот 1.2-литарски TSI бензинец и новиот 1.4-литарски четири-цилиндричен бензински мотор со деактивирање на цилиндрите, кој има моќност од 140 кс. Во комбинација со седум-степен менувач со дупла спојка, 1.4-литарскиот TSI забележува просечна потрошувачка од 4.8 литри на 100 километри.

На Парискиот Автомобилски Саем на 27-ми Септември, Volkswagen планира да го прикаже новиот Golf GTI, опремен со 2.0-литарски турбо бензинец со сила од 222 кс.

Поврзано:  Светска премиера на новите Volkswagen Transporter и Caravelle

*Фотографиите погоре се неофицијални рендери, официјални фотографии очекуваме наскоро!



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.