Volkswagen Amarok доби еден помал фејслифт – неколку подобрвуања на надворешноста но уште поважно и подобрени мотори!
Веќе сме добро запознаени со сегашната верзија на Amarok, a CARclub.mk имаше можност да направи свој тест на овој пикап. Потоа имавме можност повторно да седнеме зад неговиот волан и уште еднаш да се дружиме со неговите одлични теренски способности кога Дејан Маликовски и Кристијан Ивановски направија одлична фото галерија на VW Amarok.
Сега Amarok добива неколку подобрувања. Неговиот 2.0 литаски BiTurbo TDI дизел мотор е посилен, од 161 коњски сили сега тој нуди 177! Според инженерите на Volkswagen, повеќето коњски сили не носат и поголема потрошувачка и повисоки емисии на CO2.
Понатаму, BlueMotion технологијата на VW е достапна за Amarok, а сега таа вклучува и Start/Stop систем, систем за регенерација на енергијата од кочењето како и гуми кои имаат оптимизирано ниво на триење. Со овие подобрувања, Amarok BlueMotion има пониска потрошувачка од сегашната за 0.5 l/100km. Amarok BlueMotion е достапен во верзиите од 121 КС или 177 КС.
Другите подобрувања се однесуваат на просторот за товарење, кој сега е поголем, а конечно нуди и можност за заклучување. Редизајнираниот простор за товарање сега може да собере 200kg товар.
Освен овие подобрувања на Amarok, тој сега добива и повеќе опрема. Така ParkPilot системот сега доаѓа како стандардна опрема во Trendline и Highline нивоата на опрема, а тука се и сензорот за дожд, автоматското нивелирање на предните светла, Follow me Home функцијата, како и новиот систем на осветлување при кривини.