Официјално: 2013 Lexus LS – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Официјално: 2013 Lexus LS

Lexus конечно ги објави сите детали за новиот 2013 LS седан.

После неколку “протечени” фотографии и првите официјални слики, сега ги имаме сите информации за претстојниот 2013 Lexus LS луксузен седан кој го присвојува посмелиот дизајн споредено со моделот што оди во “пензија”. Свежиот LS модел треба да ја продолжи битката со ривалите Audi A8, BMW Серија 7 и Mercedes S-класа.

Гамата на новиот најголем седан на Lexus вклучува основен LS 460, следен од LS 460L, LS 600 Hybrid и ново-престставениот LS 460 F SPORT. Додека LS 460 и LS 460L доаѓаат со погон на задните тркала или погон на сите тркала, хибридот ќе се нуди исклучиво со погон на сите тркала.

LS 460, 460L и F SPORT ја црпат силата од 4.6-литарски V8 мотор усогласен со осум-степен секвенцијален автоматски менувач. Моделот со погон на задните тркала произведува 386 кс и 467 Nm вртежен момент, што му овозможува забрзување од 0-100 км/ч за 5.4 секунди пред да ја достигне електронски ограничената максимална брзина од 210 км/ч. Верзијата со погон на сите тркала го користи истиот мотор со променета сила на 360 кс и 470 Nm, што го продолжува забрзувањето на 5.9 секунди.

LS 600h Hybrid доаѓа со 5.0-литарски агрегат кој испорачува 389 кс и максимален вртежен момент од 521 Nm. Lexus го опреми хибридниот модел со електронски контролирана непрекината варијабилна трансмисија. Овој конвенционален бензински агрегат работи заедно со два електрични мотори и произведуваат комбинирана сила од 438 кс. Забрзувањето од место до 100 км/ч трае 5.5 секунди, додека максималната брзина е електронски ограничена на 210 км/ч.

LS 460 F SPORT има поагресивен надворешен изглед додека во внатрешноста располага со F SPORT седишта со понагласена странична поддршка. Може да се забележат и алуминиумски елементи и кожен волан со лопатки за менување на брзините. Останатите промени вклучуваат поспортска суспензија пониска за 10mm, Brembo сопирачки, како и 19-инчни алуминиумски бандажи.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.