Официјалните фотографии од новиот Seat Leon се појавија на интернет, покажувајќи ги стандардната и спортската FR верзија.
Ова е третата генерација на компактниот модел на Seat и второ возило кое ја користи новата MQB платформа, после Audi A3. Стајлингот беше прикажан преку спортскиот IBE Coupe Concept на Парискиот Автомобилски Саем во 2010, па овој автомобил е со поостар дизајн од досегашниот модел, кој е позаоблен. Новиот модел исто така наликува и на значително поголема Ibiza.
Seat ги замени прикриените рачки од задните врати на досегашниот модел со обични рачки поставени на вратите, што може да значи дека Шпанскиот бренд спрема и поспортски тривратен модел на Leon, како и караван верзија. FR моделот за разлика од стандардниот има изменети преден и заден браник, алуминиумски тркала и FR назнаки на ексериерот и во ентериерот.
Во ентериерот, може да се забележи модерна централна конзола, која превзема неколку елементи од Audi A3, како што се брзинометарот и воланот, но во малку сменета изведба.
Новата генерација на Leon вози на истата MQB платформа, која ја дели со Volkswagen Golf и Audi A3, па најверојатно гамата на мотори ќе биде слична како кај нив. Тоа значи дека ќе има повеќе бензински и дизел агрегати, а се шпекулира и plug-in хибрид за во 2014.
Официјалните детали и информации ги очекуваме за неколку дена.