Citroën претстави два нови модели C-Elysée и C4 L, целејќи кон се повеќе популарниот автомобилски сегмент, пазарот на компактни седани кој зафаќа скоро една третина од сите продадени патнички автомобили во светот.
Новиот C4 L, базиран на компактот C4, е првиот сериски модел на Citroën дизајниран од нивниот Шангајски центар за дизајн во Кина. Според Францускиот производител, C4 L ќе се продава во двете држави каде што и ќе се произведува, односно во Кина и Русија.
Citroën тврди дека C4 L ќе нуди поголем простор на задната клупа, која сега е опремена со анатомски обликувани седишта, понаклонети наслони за грб и покомфорни потпирачи за глава. Купувачите ќе имаат избор од три бензински мотори, а тоа се познатиот ТHP агрегат развиен во соработка со BMW, во верзии од по 150 и 170 КС, како и VTi со 135 КС. Тие ќе бидат во понуда усогласени со автоматски или секвенцијален шест-степен менувач.
Како што можеме да видиме, C-Elysée е Citroën-овата верзија на Peugeot 301, со тоа што двете возила ја делат истата каросерија, но имаат различен преден и заден дел со карактеристичниот дизајн на брендот.
Овој седан вози на меѓуоскино растојание од 2.65 метри и е со капацитет на багажникот од 506 литри, а ќе биде достапен со најновата генерација на VTi бензинскиот мотор со 97 КС. Францускиот бренд изјави дека C-Elysée ќе се произведува во Шпанија, а ќе почне со продажба на пазарот во Турција, Шпанија, Алжир и Централна Европа, вклучувајќи ја и Македонија при крајот на оваа година.