Volvo S60 Polestar Performance Concept – Супербрз Скандинавец! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Volvo S60 Polestar Performance Concept – Супербрз Скандинавец!

Вчера Volvo во Шведска го претстави долго очекуваниот S60 Polestar Performance Concept, замислен како конкурент на BMW M3.

Првата работа која што треба да ја знаеме за овој модел е дека тој е уникат, создаден од автомобилската компанија Volvo и нејзиниот тркачки и тјунинг партнер Polestar, за анонимен клиент. Сепак, доколку реакциите на јавноста бидат позитивни, можно е негово производство во ограничена серија од неколку примероци.

S60 Polestar го придвижува 3.0-литарски, бензински мотор со шест цилиндри во линија и турбополнач, засилен на 508 КС и 575 Nm вртежен момент. Моторот е усогласен со шест-степен мануелен менувач, како и погон на сите тркала. Забрзувањето од место до 100 км/ч изнесува импресивни 3.9 секунди, додека неговата максимална брзина е над 300 км/ч!

Однадвор, неговата каросерија е проширена за 20 милиметри напред и 40 милиметри назад. Тој сега располага со нов стајлинг пакет, кој содржи проширени крила, нов преден браник, странични прагови, дискретен спојлер над багажникот и нов заден браник со дифузер. Стандардните тркала се заменети со 19-инчни алуминиумски бандажи обвиени во гуми во профил 265/30 R19.

Ентериерот располага со спортски седишта дизајнирани од Polestar, Алкантара на сите функционални места како воланот, рачката од менувачот и седиштата, плус пониска централна конзола за подобра и поспортска ергономија.



Отсекогаш Филип се интересирал за дизајнот и перформансите на автомобилите, а во срце му лежат легендарните спортски модели со забавен карактер кои можат да ги совладаат свиоците со огромна брзина.