ТЕСТ: KIA Cee’d 1.6 CRDi – Победничка комбинација! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: KIA Cee’d 1.6 CRDi – Победничка комбинација!

Cee’d е модел кој е во заминување, но тоа не значи дека не можеме да го повозиме уште еднаш и да се потсетиме на неговите квалитети!

Cee’d е моделот со кој KIA ја започна својата револуција – и зборот револуција сосем одговара на она што се случи со Корејскиот производител изминативе неколку години. Преземањето на Peter Schreyer од Audi и неговото преселување во Кореа многумина го гледаа како нелогичен чекор во кариерата, но Schreyer го прифати предизвикот и само неколку години подоцна резултатите од неговата работа се повеќе од очигледни.

Но тука сме да зборуваме зa KIA Cee’d – модел кој е во заминување, и е секојдневна глетка на нашите улици. Некои би не запрашале – зошто да се осврнуваме на модел кој е во заминување, и кој наскоро ќе биде заменет со нов? Ние на тоа прашање ќе одговориме – заради тоа што се работи за автомобил кој ги надмина сите очекувања, кој се докажа на пазарот како одличен избор за оние кои знаат да погледнат малку подалеку од „етаблираните“ модели и да изберат навистина одличен автомобил.

Нема потреба да зборуваме многу за дизајнот на Kia Cee’d. Автомобилот изгледа типично европски, со чисти и препознатливи линии и без никакви контраверзни дизајнерски елементи. Cee’d изгледа складно и пропорционално, дури би рекле ненаметливо – токму oна што еден практичен хечбек автомобил треба да биде.

Истата приказна продолжува и во внатрешноста. Нема екстремни дизајнерски елементи – во внатрешноста не пречекуваат чисти и читливи инструменти, врвна ергономија и воглавно квалитетни материјали. Она што се проткајува како неизбежен фактор во внатрешноста на Cee’d е дека внатрешноста оддава чувство на квалитет кој нема да се промени ни по години редовно користење. Ќе забележиме на едноставноста на инструментите и централната конзола, но ако имаме во предвид дека ова е модел кој е веќе шест години стар, можеме тоа да го истакнеме и како позитивна страна – инструментите и деловите во ентериерот се веќе докажани и детално проверени.

На улиците Cee’d се однесува токму онака како што би очекувале еден компактен хечбек да се однесува. Управувањето е лесно и прецизно, менувачот е со краток и прецизен од, а прегледноста е одлична благодарение на големите стаклени површини и големите странични ретровизори. Сосем е лесно да го паркирате Cee’d скоро било каде во урбана средина. На отворен пат благодарение на задната MultiLink суспензија Cee’d е стабилен и влева доверба. Како одличен сопатник на отворен пат се покажа и одличниот 1.6-литарски Common Rail турбодизел агрегат со 115 коњски сили, кој овозможува лесно и комфорно патување и доволно сила за да се справи со сите услови на патот.

А кога веќе зборуваме за турбодизелскиот агрегат, мораме да ја пофалиме и неговата штедливост. Во градски услови потрошувачката на гориво не надмина 7 литри на 100 изминати километри, додека на отворен пат таа е драстично помала. Моторот работи рафинирано и мирно, а звучната изолација е на завидно ниво.

На крајот, мораме да кажеме дека ни беше задоволство повторно да се дружиме со KIA Cee’d и да се потсетиме колку е всушност комплетен овој автомобил. Багажниот простор од 340 литри (или 1300 со спуштени задни седишта), комфорното и сигурно возење, европскиот дизајн и одличниот дизел мотор уште еднаш не потсетија на позитивните страни на овој докажан автомобил.

Доколку во моментов барате да купите нов автомобил, Ви препорачуваме да го погледнете KIA Cee’d. Одличната и квалитетна изработка, докажаната и проверена механика, но и одличната гаранција од 5 години или 150.000 километри се аргументи кои не смеете да ги игнорирате.

Во моментов преостанатите примероци од KIA Cee’d се на акциска понуда во KIA MOTORS Македонија и можете да ги добиете по навистина примамливи цени, драстично пониски од оние објавени во официјалните ценовници.

  • 1.6 литарски турбо-дизел агрегат, 4 цилиндри
  • Моќност: 115 коњски сили / 6300 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 255 Nm / 1900 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 188 км/час
  • Забрзување 0-100: 11.5 секунди
  • Должина: 4260 mm
  • Ширина: 1790 mm
  • Висина: 1480 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2650 mm
  • Багажен простор: 340 литри
  • Потрошувачка: 5.7 (официјална, градска), 6.6 (измерена, градска)
  • Цена на тестираниот модел: KIA Cee’d 1.6 CRDi LX – 14.400 Евра

Фотографија: Кристијан Ивановски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.