Со новата GL класа, Мercedes-Benz се надева дека ќе успее уште повеќе да се приближи до купувачите, а новата GL класа ги има сите атрибути кои на еден ваков автомобил му се потребни за да го направи токму тоа.
Да зборуваме малку за големите автомобили. Всушност, ајде да зборуваме за навистина големите автомобили. Секако, не секој ќе се сложи дека големите автомобили се потребни, но нивното постоење е оправдано, бидејќи секој има различна потреба кога купува еден автомобил. Најверојатно луѓето од Mercedes-Benz имале навистина специфична целна група кога го дизајнирале новиот GL, бидејќи ова е навистина голем автомобил!
Веќе пишувавме за новиот GL, кога тој ја доживеа својата пред-премиера, но тогаш ги немавме сите информации. Бидејќи сега ги имаме, мислиме дека можеме пак да му посветиме малку внимание на овој несекојдневен Германец.
Новиот GL е долг 5120 милиметри, широк е 2141 а висок е 1850 милиметри. Објективно гледано, нуди помалку или повеќе простор како еден трособен стан. Колку за споредба, големата S-Класа која е своевиден репер во класата на луксузни автомобили е долга „само“ 5079 милиметри. Значи сега знаеме за колкав автомобил всушност зборуваме – навистина, навистина голем!
Секако, доколку ви е потребно во едно возење да го преселите целиот ваш трособен стан, новата GL-класа ќе ви го овозможи и тоа – со багажниот простор кој изнесува 680 литри со исправени седишта, односно 2300 литри кога седиштата се спуштени, ќе имате повеќе од доволно простор за сите ваши ситници, а најверојатно и фрижидерот.
Но всушност, внатрешноста е токму онаму каде сакате да бидете. Да бидеме искрени – кога станува збор за ентериери, дечките од Штутгард многу сериозно си ја сфаќаат работата. Како и до сега, ќе го очекуваме само најдоброто од Мерцедес, а воопшто не се сомневаме дека ќе го добиеме. Без разлика дали станува збор за малата А-класа или претседателската S-класа, ентериерите на Mercedes-Benz скоро и да немаат конкуренција.
Да позборуваме и за моторите. Кога ќе го купувате вашиот нов GL ќе можете да изберете помеѓу два мотори – и двата со прилично „замашна“ зафатнина. Едната изведба е GL 350 BlueTEC 4Matic, која е опремена со дизелски агрегат со зафатнина од 3 литри кој нуди 254 коњски сили и 620 Nm вртежен момент – сосем доволно да го забрзаат големиот GL до 100 километри на час за 7.9 секунди, и да продолжат да го забрзуваат се до 220 километри на час.
Другиот мотор кој ќе можете да го изберете ја носи ознаката GL 500 4Matic BlueEfficiency. Под хаубата кај него се наоѓа голем V8 мотор со зафатнина од 4.6 литри кој нуди 408 коњски сили и 600 Nm вртежен момент. Опремен со овој мотор GL забрзува до 100 километри на час за 5.9 секунди, а максималната брзина изнесува 250 километри на час.
Не е воопшто лошо за едно толкаво чудовиште, нели?