ТЕСТ: Honda Accord 2.0 – Евергрин – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Honda Accord 2.0 – Евергрин

Honda Accord е еден од нашите омилени претставници во групата на седани од средната класа – погледнете го нашиот тест и прочитајте зошто толку ни се допаѓа!

Секој контакт со големата лимузина на Honda не потсетува зошто всушност толку ни се допаѓа – а ни се допаѓа заради комплетноста на автомобилот и одличнотп разбирање на Honda за тоа што еден автомобил од средната класа на седани треба да понуди.

Honda Accord е веќе честа појава на нашите улици. Понудата на опрема, простор и економичност, заедно со Јапонскиот дизајн и квалитет се покажаа како добитна комбинација на Македонскиот пазар. Можеби не е прв избор на секој купувач, но лојалните возачи на Honda ќе ви кажат дека нема возач на Honda кој се покајал со својот избор

На прв поглед Accord изгледа привлечно. Неговиот (замашен) габарит ви дава на знаење дека се работи за големо возило кое нуди многу простор и одличен комфор. Автомобилот е долг 4725 милиметри, широк е 1840 а висок 1440 милиметри, додека меѓуоскиното растојание е 2705 милиметри – димензии кои укажуваат на навистина голем автомобил.

А големината се пренесува и во внатрешноста, каде има навистина многу простор. Сосема лесно ќе ја најдете совршената возачка позиција и ќе се чувствувате како дома. Зад воланот ќе се почувствувате како веќе добро да го познавате автомобилот, а користените материјали се со одличен квалитет. На задната клупа има доволно место и за повисоки патници, а багажниот простор е со капацитет од 467 литри – односно повеќе од доволно за посериозно патување.

Од надвор, Accord изгледа типично Јапонски – несекојдневно и интересно, и иако се работи за модел кој е веќе неколку години стар, ги привлекува погледите на минувачите, а вие ќе се чувствувате како да сте купиле автомобил кој само што го нацртал некој Јапонски дизајнер. Големите светлосни уреди му даваат доза на агресивност, но ние би забележале дека за целосно да се истакне дизајнот на автомобилот потребни се еден број поголеми фелни од фабричките кои се со големина од 17 инчи. Уште една забелешка која ја имаме се задните врати, кои би можеле да бидат малку поголеми со цел да се олесни пристапот кон задната клупа.

Пристапот во автомобилот е лесен, а на пат тој се однесува контролирано и безбедно. Возните својства се одлични со оглед на големината на возилото. Управувањето е директно и прецизно, но без доволно повратни информации од подлогата. Со оглед на намената на возилото, ова и не мора да биде критика, бидејќи автомобилот не е наменет за спортско возење. Менувачот (како и кај секоја Honda) е одличен и е вистинско задоволство да менувате брзини. Прецизен и со краток од, менувачот ви влева доверба при секоја промена на брзините.

Моделот кој го возевме беше опремен со 2-литарски бензински агрегат без турбо полнење. Неговите 2000 кубни сантиметри и 154 коњски сили и 192 Nm вртежен момент ќе ве однесат до 100 километри на час за 9.4 секунди, и ќе ве забрзуваат се до 215 километри на час, а просечната потрошувачка очекувајте да биде околу 8.8 литри на 100 изминати километри.

И на крајот, зошто Евергрин? Затоа што Honda Accord е тивкиот борец кој во позадината нуди навистина одлична комбинација од големина, опременост, квалитет, комфор и економичност, за оние кои се подготвени да погледнат малку подалеку од  „стандардните“ понуди во оваа класа.

  • 2.0 литарски атмосферски бензински агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 154 коњски сили / 6300 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 192 Nm / 4100 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 215 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.4 секунди
  • Должина: 4725 mm
  • Ширина: 1840 mm
  • Висина: 1440 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2705 mm
  • Багажен простор: 467 литри
  • Потрошувачка: 7.2 (официјална), 8.8 (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Honda Accord 2.0i Elegance  – 21.900 Евра

Фотографија: Кристијан Ивановски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.