Hartge се едни од најпознатите тјунери за BMW, и тие решиле да му посветат внимание на 1М Coupe – а резултатите од тоа внимание зборуваат за себе!
Турбо-моторот кој се вградува во BMW 1M Coupe веќе има со што да се пофали – 335 коњски сили и 450 Nm вртежен момент воопшто не се за потценување – но дечките од Hartge решиле дека секогаш може подобро, па малку го „поднавиле“ моторот и резултатите се импресивни.
Бројките се следните – 396 коњски сили (е добро де, ќе заокружиме на 400) и 530 Nm вртежен момент. Некакви детали околу перформансите немаме, но Hartge изјавува дека времето потребно да се постигнат 200 километри на час е намалено од 13.52 секунди на 11.34 – импресивно намалување од цели две секунди! Но покрај зголемените перформанси, Hartge најавува и зголемена економичност – односно потрошувачка намалена за половина литар гориво на 100 километри. Со оглед на денешните цени на горива, тоа воопшто не е за потценување.