Пред неколку дена „протекоа“ фотографии од новата A-класа на Mercedes-Benz. Денес ги пренесуваме официјалните информации за новиот хечбек и ви нудиме мега-галерија од фотографии!
Новата А-Класа е изградена врз MFA (Modular Front Architecture) платформата, со погон на предните тркала. Автомобилот е долг 4292 милиметри а широк 1780 милиметри и висок е 1433 милиметри.
Моторите кои ќе се нудат вклучуваат неколку бензински и неколку дизелски агрегати. Основиот бензинец ја носи ознаката А180, но всушност се работи за 1.6-литарски турбо бензинец кој испорачува 122 коњски сили. Едно скалило погоре е А200, со истиот 1.6 литарски мотор, но со 150 коњски сили, а на самиот врв (за сега) е А250, со дволитарски турбо бензинец и 208 коњски сили.
Кај дизелите понудата започнува од А180 CDI, со 1.8 литарски турбодизел мотор со 109 коњски сили и 250 Nm. Овој мотор веќе го знаеме од нашиот тест на Mercedes-Benz B-Class, и може да се пофали со задоволителни перформанси и одлична штедливост. Понатаму, тука е A200 CDI со истиот мотор но 134 коњски сили и 300 Nm, а на врвот е A220 CDI со 2.2 литри зафатнина, 170 коњски сили и 350 Nm вртежен момент.
Сите модели ќе се нудат со ECO Start/Stop систем, и ќе може да се порачаат и со 7G-DCT менувал со двојна спојка. Се планира и AMG модел кој ќе нуди повеќе од 300 коњски сили. Секако, Mercedes не би бил Mercedes ако не понуди и цела низа на технички иновации – а тука се системот за детекција на на возила во таканаречената „слепа“ точка, системот за асистирање при одржување на коловозната лента, и секако AMG пакетот со визуелни промени и спортска суспензија.