ТЕСТ: Audi Q3 – Едноставно, стил! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

ТЕСТ: Audi Q3 – Едноставно, стил!

На тест го имавме компактниот SUV на Audi – новиот Q3. Можноста да го тестираме и да се дружиме со Q3 ни овозможи одблизу да го запознаеме и да ги откриеме сите негови квалитети!

Веќе поминаа тестирањата за Автомобил на Годината, и веќе знаеме дека Audi Q3 не се закити со престижната награда. Но судејќи по квалитетите на Q3, тој е повеќе од достоен кандидат и финалист!

Audi Q3 спаѓа во класата на мали, премиум SUV возила. Велиме мали, но реалноста е дека Q3 воопшто не е мало возило – повеќе би го нарекле компактно. Иако е SUV, компактните димензии му овозможуваат лесно и непречено движење низ градските гужви – Audi Q3 е долг 4385 милиметри, висок 1608, а широк 1831 милиметар. Понудата на простор во внатрешноста е одлична, но малку не разочара плиткиот багажен простор, кој страда заради резервното тркало со целосна големина.

Но, да започнеме од надворешноста – и како и очекувано, Q3 изгледа како типично Ауди – како да е изделкан од едно единствено парче алуминиум. Линиите се чисти и едноставни, дури може да се наречат и резервирани, но и тоа е убавината на едно Audi. Нема потреба од „карактерни линии“ и други трикови кои би го привлекле окото на минувачите – едноставноста е убава сама по себе. Всушност, за да добиете вистинска слика за тоа како Q3 изгледа, замислете го веќе познатиот Audi Q5, но со затегнати линии и пропорции, и намален за дваесеттина проценти.

Едноставно, можеме да кажеме дека Q3 изгледа префинето и луксузно – нешто што сме навикнати да го очекуваме и да го добиваме од брендот од Инголштад, а истата приказна продолжува и во внатрешноста. Одличните и квалитетни материјали, извонредната финална обработка и чувството на луксуз се неизбежни и од самиот почеток повеќе од препознатливи. Ако не би било така, не би било Audi.

Опременоста е на сосема задоволително, може да се рече и завидно ниво, а комфорот е на самиот врв во класата. Како и кај другите модели од VAG групацијата, ергономијата е повеќе од одлична – сите прекинувачи се веднаш на дофат и лесни на користење од првиот момент кога ќе седнете во автомобилот. Да, на места ќе препознаете делови кои веќе се користат во други модели, но тоа воопшто не е критика, ако се земе во предвид квалитетот на финалната изработка на тие делови.

Седиштата се комфорни и лесно најдовме седечка позиција која ни одговараше. Прегледноста е воглавно одлична, единствно замеривме на прегледноста кон задната страна – таа е малку компромитирана заради линијата на кровот која влијае на дебелината на C-столбовите.

При стартување на моторот ќе ве изненади неговата бучност – поточно, недостатокот на истата. Моторот е од најновата генерација турбодизел агрегати на Volkswagen со зафатнина од 2 литри, Common Rail технологија, 177 коњски сили и здрави 380 Nm вртежен момент. Според официјалните бројки, потрошувачката е 6.1 литар дизел на 100 изминати километри, но на нашите мерења просечната потрошувачка изнесуваше околу 8.5 литри. Сосема добро за возило од ваков габарит, но тука игра улога и коефициентот на отпор на воздух од 0.32, кој е најнизок во класата. Забрзува до 100 километри на час за 8.2 секунди, а максималната брзина му е околу 215 километри на час.

Нашиот модел дојде опремен со S-Tronik автоматски менувач со двојна спојка, и менувачот сосема одговара на карактерот на возилото. Менувачот работи скоро без никакво мешање или чувство на прекинување во возењето, а самите промени се одлични и нежни. Доколку сакате поспортско возење, постои и опцијата за спортски режим, кој подолго ги задржува вртежите и дозволува потемпераментно возење.

Audi Q3 се снајде одлично и на отворен пат, како и во градски услови. На отворен пат се покажа како одличен сопатник кој комфорно и опуштено не пренесе од една точка до друга, а во град заради компактните димензии се движи без проблеми. S-Tronic менувачот се снаоѓа и во двата режими на работа без проблеми, а ние Q3 можеме да го препорачаме на секого без никакви резерви.

Доколку сакате, можете да ни се приклучите во дискусијата за Audi Q3 на нашиот форум!

Повеќе детали:

  • 2.0 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
  • Моќност: 177 коњски сили / 4200 вртежи во минута
  • Вртежен момент: 380 Nm / 1750 вртежи во минута
  • Максимална брзина: 212 км/час
  • Забрзување 0-100: 9.2 секунди
  • Должина: 4385 mm
  • Ширина: 1831 mm
  • Висина: 1608 mm
  • Меѓуоскино растојание: 2603 mm
  • Багажен простор: 460 литри (1365 со спуштени задни седишта).
  • Потрошувачка: 6.1 (официјална), 8.5 (измерена)
  • Цена на тестираниот модел: Audi Q3 2.0 TDI Quattro 177  – 36.917 Евра

Фотографија: Дејан Маликовски



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.