Audi го претстави својот најнов адут, а тој може да се пофали со V8 мотор, 450 коњски сили, погон на сите четири тркала и до 1430 литри багажен простор!
Офанзивата на Audi како ни за миг да не запира. Веќе го видовме Audi TT RS Plus кој е побрз од својот поголем брат, а сега гледаме и еден фамилијарен караван кој може да се пофали со (скоро) истите перформанси како R8!
Дами и Господа, запознајте го Audi RS4 Avant! Новиот RS4 е токму оноа кое го очекувавме – одличниот A4 Avant е благо редизајниран со спортски браници и додатоци, големи 19 или 20-инчни тркала, но вистинското изненадување се крие под поклопецт – а таму се наоѓа 4.2-литарски V8 мотор со моќност од 450 коњски сили и 430 Nm вртежен момент. Моќниот V8 мотор, заедно со Quattro погонот на сите четири тркала како и S-Tronic менувачот со двојна спојка му дозволуваат на RS4 да забрза до 100 километри на час за само 4.7 секунди и да забрзува се до (електронски ограничени) 250 километри на час. Но ако купувачот одлучи, ограничувањето може да биде малку повисоко – 280 километри на час.
Секако, подобрени се и кочниците – напред RS4 Avant носи 365 милиметарски диск-кочници, а се нуди и опција за 380-милиметарски дискови изработени од карбонски влакна.
Во внатрешноста карактеристичен е одличниот ентериер кој веќе сме навикнати да го очекуваме кај моделите на Audi, но предноста на овој, благо кажано, брз автомобил е што покрај тоа што има одлични перформанси, тој е и навистина практичен – односно, може да се пофали со багажен простор од 1430 литри! Тоа значи дека кога ќе треба да одите некаде, комотно ќе ве собере вас, вашето семејство, сиот багаж како и кучето.
Сосема доволен аргумент да ја убедите сопругата или девојката дека ваков автомобил совршено би се вклопил во вашиот живот, нели?