Кога ќе се појави нов (или нова изведба на) Aston Martin, сите вљубеници во автомобилите мирно гледаат и слушаат, бидејќи автомобилите на Aston се едни од најубавите и најпосакуваните парчиња автомобилска уметност.
Така е и со новиот Aston Martin V12 Zagato. Моделот кој го носи името на познатото студио од Италија кое прави ункатни каросерии сосема заслужено го привлекува нашето внимание. Иако е базиран врз веќе добро познатиот V8 Vantage – односно неговата V12 изведба – ова е уникатен модел кој заслужува подетално да го разгледаме.
Веднаш се приметливи позатегнатите линии и поголемите отвори за воздух. Секако, големите тркала се неизбежен детал, а задниот спојлер само навестува за какви перформанси станува збор. На некому можеби нема да му се допаднат задните светлосни структури, но нам ни изгледаат одлично.
Хаубата и кровот се направени од рачно обработен алуминиум, а предните и задните крила, рамките на вратите и поклопецот на багажникот од карбонски влакна. Купувачите ќе можат да изберат помеѓу Scintilla Silver, Alloro Green, Alba Blue и Diavolo Red.
Во внатрешноста, ќе можат да уживаат во рачно изработениот ентериер, кој според сликите е изработен од комбинација на кожа и алкантара, со контрастни конци кои му даваат зголемена доза на прести, а деталите од алуминиум и карбонски влакна го зголемуваат спортското чувство во внатрешноста.
Но сепак, највеќе не интересира тоа што се крие под хаубата – а таму се крие монструозниот V12 мотор кој испорачува 510 коњски сили при 6500 вртежи во минута и 570 Nm вртежен момент при 5750 вртежи во минута, а силата се пренесува преку 6-степен рачен менувач!
Производството на V12 Zagato ќе започне во третата четвртина на оваа година, а испораките ќе почнат кон крајот на годината. Цената? Ситница, само 390.000 евра!