Скоро една година по претставувањето на концептот на саемот во Женева, Ford се подготвува и официјално да го претстави B-Max на овогодинешниот саем во истиот град.
Малото повеќенаменско возило се одликува со иновативни решенија и модерни технологии. Едни од најважните нови атрибути се новите 1-литарски Ecoboost турбо-бензински мотори на Ford, кои испорачуваат 100 или 125 коњски сили и ќе се вградуваат во B-Max.
Но она што е најинтересно кај B-Max се иновативните врати. Предните врати се отвораат нормално, но задните се лизгачки, а Б-столбот е интегриран во нив, па кога се отворени вратите пристапот е олеснет и едноставен. Предност пред конкуренцијата се секако лизгачките врати кои се полесни за отворање во потесни простори.
Ford, поточно Претседателот на Ford Europe, Stephen Odell изјави дека B-Max продолжува со возбудливите и иновативни дизајнерски елементи кои порано биле карактеристични само за поголемите и полуксузни модели и дека треба да ги задоволи потребите на купувачите кои сакаат повеќе од своите мали возила.
Како што можеме да приметиме од едната официјална фотографија од новиот B-Max, моделот не изгубил скоро ништо при преминувањето од концептно во сериско возило – успех кој ние го поздравуваме. Иновативните врати можете да ги видите на концептните фотографии кои се од минатогодинешниот авто-салон во Женева.