Промовирани моделите на Great Wall во Македонија! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Промовирани моделите на Great Wall во Македонија!

Пред само еден час беа промовирани моделите на Кинескиот бренд Great Wall во Македонија, кои со ниските цени, Европскиот дизајн и 5-годишната гаранција ќе се борат да ги освојат купувачите!

На самиот почеток, во понудата се наоѓаат три модели – и тоа малиот градски компакт Voleex, товарното возило Steed и SUV моделот наречен Hover. Иако кај нас постојат одредени стереотипи и предрасуди во однос на Кинеските возила, импортерот на овие возила за Македонија – Толту, кој веќе го знаеме како увозник на Subaru – најавува агресивно пласирање на овие возила на нашиот пазар, кој ќе го оправдаат со поволните цени и 5-годишната гаранција која е ограничена на 150.000 километри.

Цените се навистина конкурентни – малиот урбан компакт Voleex се продава исклучиво со највисокото ниво на опрема и чини 8200 евра, а ќе се нуди со 1.5 литарски бензински агрегат со моќност од 97 коњски сили. Со овој мотор, малиот Voleex забрзува до 100 километри на час за 11.1 секунда а има максимална брзина од 175 километри на час, додека потрошувачката според фабричките податоци е 7.3 литри на 100 изминати километри.

Товарниот SUV – Steed – Ќе се нуди со 2.4 литарски бензински или 2.0 литарски дизелски агрегат, и цените се движат од 13.550 евра за 2.4 литарскиот бензински агрегат со 127 коњски сили и погон на две тркала, до 16.700 евра за дволитарскиот дизел со 143 коњски сили и погон на сите четири тркала. И кај овој модел опремата е навистина богата. Интересно е да се напомене дека ова возило е хомологирано како товарно возило, и може да се врати платениот ДДВ.

На крај останува теренецот Hover, кој ако изберете бензински агрегат има погон на две тркала и чини 15.930 евра, а ако изберете дизел ќе дојде со 127-коњскиот дизелски агрегат и ќе ве чини 16.950 евра, нормално со многу опрема.



Алфа и Омега на CARclub. Играчките остануваат, само стануваат поскапи.