Минатата B-Klasse имаше некои компромиси, кои им дозволија на критичарите да кажат дека тој автомобил не беше вистински Мерцедес. Германците ја научија лекцијата, и овој пат нудат навистина, вистински Мерцедес!
Ако критичарите на Мерцедес за минатата генерација сметаа дека е недостојна да го носи името на великанот и дека Мерцедес всушност почнува од Ц-класата, токму новата Б-Класа е повеќе од подготвена да им го докаже спротивното. Сето тоа што Б-класата го нуди како комплетен пакет, го издига моделот на самиот врв во класата.
Но тука се поставува првото прашање – во која класа всушност припаѓа Mercedes B? Според димензиите, автомобилот долг 4395 милиметри, широк 1786 милиметри а висок 1557 милиметри припаѓа во компактната и таканаречена Голф-класа. Но меѓуоскиното растојание од 2699 милиметри и одлично распоредената внатрешност всушност нудат многу повеќе од очекуваното. Понудениот простор во внатрешноста навистина изненадува – навистина комфорна и широка, новата Б-класа нуди простор како возилата од една класа погоре. Чувството кога ќе седнете зад воланот е токму она кое го нуди секој Мерцедес.
Во внатрешноста материјалите се одлични. Не постојат други зборови да се опишат – сите материјали и површини кои се блиску на допир се навистина пријатни за гледање а и за допирање. Сите прекинувачи оддаваат одличен фидбек, а ергономијата е навистина на завидно ниво. Прегледноста е сосема добра, иако ќе забележиме на широките C-столбови кои ја намалуваат прегледноста кон задниот дел. Со оглед на формата на возилото, ние би нарачале и сензори за паркирање. Што е сигурно, сигурно е.
Но не запираме тука – внатрешноста бара уште позитивни епитети. Комфорните седишта се нагодуваат во повеќе насоки, менувачот е одличен, со прецизен и краток од а клима уредот и централниот потпирач за рака само ја дополнуваат сликата. Мултимедијалниот уред кој беше понуден во нашето тестно возило беше навистина добар и понуди одличен звук во секое време.
Како што веќе напоменавме, просторноста е навистина за поздрав, а истата приказна продолжува и на задната клупа, со забелешка кон задниот наслон кој е премногу исправен за наш вкус. Но за сметка на тоа се добива импресивен багажен простор од цели 486 литри со исправени седишта или 1545 со спуштени. Заради Run-Flat гумите (и недостатокот на резервно тркало) со кои беше опремен нашиот тестен модел, багажниот простор е над просекот во класата.
Пријатно изненадување е и дизелскиот агрегат со кој беше придвижувано нашето возило. 1.8 литарскиот турбодизелски мотор испорачува сосема доволни 109 коњски сили и 250 Nm вртежен момент. Забрзувањето е исто така задоволително – само 10.9 секунди до 100 километри на час, и максимална брзина од околу 190 километри на час. Одличната слика ја заокружи и потрошувачката, која во разни услови на експлоатација не надмина 6.6 литри на 100 изминати километри.
Но тоа што навистина не интересираше е тоа како Б-класата се однесува на пат – а одговорот на тоа е – сосема примерно! Малку потврдата суспензија на нашиот модел му дава спортски карактер на возилото, а управувањето е прецизно и директно. Одлични беа и повратните информации од подлогата кои ни дозволија да уживаме во возењето. Повторно ќе го пофалиме менувачот, а кочниците директни и силни. На прв поглед Б-класата можеби наликува на здодевен моноволуменец, но ние би ја препорачале и на оние кои уживаат во возењето.
На крајот на денот, новата Б-класа е одличен автомобил во одлично пакување. Амбициозноста да се конкурира со повисоките класи е достојна за почит, а понудата на внатрешен простор, одличниот мотор, врвните материјали како и престижот кој го носи трокраката ѕвезда ни потврдија дека без никаков сомнеж, ова е Мерцедес наменет за оние кои ги ценат квалитетниот дизајн, одличната просторна понуда и штедливите мотори!
Повеќе детали:
- 1.8 литарски турбо-дизелски агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
- Моќност: 109 коњски сили / 3200 вртежи во минута
- Вртежен момент: 250 Nm / 1400 вртежи во минута
- Максимална брзина: 190 км/час
- Забрзување 0-100: 10.9 секунди
- Должина: 4395 mm
- Ширина: 1786 mm
- Висина: 1557 mm
- Меѓуоскино растојание: 2699 mm
- Багажен простор: 486 литри.
- Потрошувачка: 4.1/5.6/4.6 (официјална), 6.6 (измерена)
- Цена на тестираниот модел: Mercedes Benz B180 CDI BlueEFFICIENCY – 26.490 Евра
Фотографија: Кристијан Ивановски
p.s. Се извинуваме што возилото е тооолку многу валкано, ама тој ден врнеше многу. :)