Моделите со популарни цени се покажуваат како успешни на сите пазари на кои се појавуваат, па Dacia сега сака уште повеќе да им ги замрси конците на конкурентите – со Dacia Lodgy!
Моделот кој својата официјална премиера ќе ја доживее во Женева има за цел да биде сериозен конкурент во класата – како на своите братучеди – Renault Scenic и Grand Scenic, така и на останатите модели во класата, вклучувајќи го одличниот Ford C-Max и Grand C-Max. Желбата на Dacia е да понуди модел кој ќе има пет или седум седишта, за да може да конкурира на споменатите модели, но да биде понуден со пониска цена.
Досега, таа филозофија се покажува како успешна, а 4500-милиметри долгиот Lodgy ќе се појави на пазарот во текот на годината, и ќе се нуди со целата лепеза на мотори на Renault. Dacia веќе ја започна маркетингшката кампања за промоција на Lodgy, и тоа со тркачки автомобил за на лед, кој ќе го вози легендарниот Alain Prost. Со ова продолжуваат успешните спортски активности на Dacia – да потсетиме дека тие веќе гo имаат Dacia Duster Pikes Peak со кој го нападнаа легендарниот Pikes Peak во Соединетите Американски Држави.