Mokka-чино, ќе ве молам! – CARclub.mk | #1 за Автомобилите full screen background image
Search

Mokka-чино, ќе ве молам!

Поради тоа што трендовите наложија интензивно појавување на SUV автомобили во било која класа, Opel со својата Mokka ќе се бори за првото место кај суб-компактните кросовери.

Mokka претставува малечок кросовер автомобил, кој несомнено ќе претендира за тронот во оваа брзо-растечка класа. Со должина од само 4.38 метри, надворешните димензии на Mokka алудираат дека се работи за глувче на ролшуи, меѓутоа, инженерите сепак успеале некако да ја направат кабината доволно голема и комфорна за пет патници. Како? Можеби црни магии, вуду или нешто слично… Од друга страна, можеби е рационално размислување и планирање… Ние типуваме на второто.

За Mokka да вози интересно како што изгледа, се грижат 3 мотори, од кои два се бензинци (1.6 литарски со 115 КС и 1.4 литарски со 140 КС и турбо натполнење) и еден дизел, кој доаѓа во облик на 1.7 литарски CDTI со 130 КС и вртежен момент од 300 Nm. Снагата се пренесува на предните, или на сите тркала, преку рачен менувач. Множеството на електронски помагала ги содржи ЕЅР (Electronic Stability Program), TC (Traction Control), HSA (Hill Start Assist) и HDC (Hill Descent Control). Особено пријатно изненадување претставуваат двата последни системи, кои го олеснуваат движењето по стрмни терени, а најчесто ги среќаваме кај „искусните“ теренци. Опремата како АВЅ, серво управувач и слично, веќе е толку стандардизирана, што нема потреба да се споменува воопшто.

Opel Mokka треба да се појави во продажните салони на Opel, кон крајот на годинава. Ценовникот сеуште се осмислува, така што во моментов не се знае сумата која ќе треба да се одвои за „топлото енергично кафе“ со громче на челото.



Ако не го вози својот Lancer низ Скопје, тогаш побарајте го надвор од него... Голема е веројатноста да го сретнете Кристијан со неговиот далеку-источен миленик, како ужива во возењето!