Понекогаш има автомобили кои на првиот контакт ви оставаат толку позитивен впечаток, што веднаш знаете дека пред вас имате одлично возило. Новото Kia Rio е токму такво, а тестот само ни ги потврди очекувањата.
Веќе долго време одговорно тврдиме дека „пребегнувањето“ на Peter Schreyer од Audi во Kia е најдоброт потег кој Корејскиот производител го има направено во својата историја. Schreyer е докажан дизајнер, со многу успешни дизајни зад себе, како и огромно искуство со испорачување автомобили кои се уникатни, привлечни и интересни за сите купувачи, а токму тоа и требаше на KIA.
Класата на мали градски автомобили има немилосрдна и неверојатно силна конкуренција. Како еден од најпопуларните сегменти, борбата за превласт во оваа класа е силна и агресивна, и сите се обидуваат да ги привлечат купувачите со својата понуда. А повеќе од очигледно е дека Корејците сериозно си ја сфатиле работата, па со новата генерација на Rio сакаат да понудат повеќе од просечен автомобил, и сакаат да се фатат во борба со самиот врв на класата!
На прв поглед, Rio изгледа неочекувано агресивно. Големите предни и задни светла, како и стилизираната маска на ладилникот која станува еден од препознатливите елементи на KIA му даваат агресивен и спортски изглед. Формата е типична за оваа класа на возила, но не изгледа здодевно и му даваат спортски дух на малото возило. Изгледот од ниеден агол не е здодевен и лесно се издвојува од конкуренцијата.
Вратите се отвораат широко, а во внатрешноста повторно пријатни изненадувања! Користените материјали во внатрешноста се со одличен квалитет (за оваа класа на возила). Воглавно се што ќе допрете е обложено со квалитетен материјал кој е пријатен на допир. Ергономијата и дизајнот се одлични, и се што ќе побарате е онаму каде што очекувате да биде. Имаме некои ситни забелешки, но тие се толку ситни што не ни вредат да ги спомнеме – воглавно, внатрешноста е одлична. Особено ни се допаднаа прекинувачите за клима-уредот. Не можеме точно да ви објасниме како функционираат, но кога ќе ги видите за прв пат, точно ќе знаете на што мислиме.
Во внатрешноста има навистина многу простор. Кога ќе седнете зад управувачот ќе приметите дека понудениот простор е во самиот врв на класата, а сосема доволно простор има и на задната клупа. KIA Rio сосема комфорно собра четворица возрасни, што е за почит во оваа класа. Прегледноста е одлична, благодарение на големите стакла и големите странични ретровизори. Единствено прегледноста низ задното стакло е намалена заради високата задна линија.
На отворен пат, 1.2 литарскиот бензинец со 85 коњски сили при 6000 вртежи сосема добро ја придвижува Kia Rio. Забрзува до 100 километри на час за 13 секунди, и ќе забрзува се до скоро 170 километри на час. Управувањето е директно и прецизно, што особено не израдува, но без премногу повратни информации од патот. Сепак, не би ни очекувале премногу спортски фидбек во оваа класа на возило, а можеби улога играат и зимските гуми. Менувачот е прецизен, со краток од и сосема лесно се наоѓа вистинскиот степен на пренос. Не можевме да се пожалиме ни на бучноста на отворен пат, која е сосема задоволителна.
Во секој автомобил, опременоста игра огромна улога, а во оваа класа еден од начините да се придобијат купувачите е токму богатата опрема. Нашиот тестен модел беше навистина добро опремен – клима уредот, електричните ретровизори, електричните предни прозорци, аудио-уредот со MP3 приклучок, многуте безбедносни системи, предните магленки, кожниот волан и менувач, потпирачот за рака меѓу предните седишта и многу други ситници кои живот значат ни оставија одличен впечаток.
На крајот се поставува прашањето – дали KIA со новото Rio нуди сериозен конкурент во класата на мали градски возила? Нашиот одговор е едно јасно „ДА“! Опременоста, квалитетот, финалната обработка, привлечниот дизајн и соодветната цена ни дозволуваат без никакво двоумење да го препорачаме Rio на сите потенцијални купувачи, а сите оние кои сакаат автомобил од оваа класа и ќе го игнорираат Rio, ќе направат навистина голема грешка!
Повеќе детали:
- 1.2 литарски бензински агрегат, 4 цилиндри, 16 вентили.
- Моќност: 85 коњски сили / 6000 вртежи во минута
- Вртежен момент: 121 Nm / 4000 вртежи во минута
- Максимална брзина: 168 км/час
- Забрзување 0-100: 13.1 секунди
- Должина: 4045 mm
- Ширина: 1720 mm
- Висина: 1455 mm
- Меѓуоскино растојание: 2570 mm
- Багажен простор: 288 литри.
- Потрошувачка: 4.4/6.3/5.1 (официјална), 7.3 (измерена)
- Цена на тестираниот модел: KIA RIO 1.1 LX 5 врати – 11.050 евра.
Фотографија: Кристијан Ивановски