Мало, прекрасно, атлетско, прекрасно (пак), расположено за модификации, прекрасно (да, и трет пат) и брзо како верверичка на стероиди… Кажете му „Здраво“ на новиот Suzuki Swift Sport!
Конечно, пристигнува новата генерација на Suzuki Swift Sport, име кое на големо е поврзано со апсолутно задоволство во возењето, поради малите димензии, тежината која го класифицира во „мува“ категорија, и исклучително нервозното и агилно нисколитражно бензинче под хаубата. Имајќи предвид дека претходникот беше меѓу омилените возила на тјунерите, се очекува и овој модел да ја ужива таа почит.
Изгледот плени уште на прв поглед, бидејќи нема ниту едно промашување на димензија, однос, геометрија и слично, туку се работи за фантастично пропорционално склопено автомобилче, кое благодарение на модификациите во суспензијата, менувачот и „веселиот“ 1.6 литарски бензинец со 136 КС, ќе го разбуди детето во вас, и константно ќе извлекува насмевка, без оглед на тоа каков ви бил денот претходно. Моторот ги задоволува строгите норми за издувни гасови – Еuro 5, а со помош на новиот 6-степен менувач, ќе ви пружа огромно задоволство во возењето, кога ќе се чувствувате како “Speed Racer”, истовремено водејќи сметка за вашата сметка во банка, со просечна потрошувачка од 6.4 l/100 km. Тешко е да се поверува дека успешно би се постигнала оваа бројка, поради тоа што Swift Sport спаѓа во оние автомобили, кои не ве оставаат „на раат“ да возите економично, туку ќе ве тера цело време да „го газите“ и уживате во заедничката дружба. Вреди да се напомене дека во оваа „спортска обувка“ се имплементирани најмодерните безбедносни технологии (исклучително цврст челик, 7 воздушни перничиња, ЕЅР како стандардна опрема итн), па се очекува максимален учинок на краш тестот.
Поради широкиот траг напред и назад и краткото меѓуоскино растојание, Swift Sport изгледа како залепен за асфалтот, но истовремено подготвен да се катапултира во секој момент, во лов по својот „плен“. На располагање стојат пет бои, со инвентивни имиња (како “Kashmir Blue Pearl”), но есенцијално се работи за сребрена, сина, црна, бела и црвена. Додека да ги видиме другите, белата ни е фаворит.
Листата со стандардна опрема е толку долга, што дури и Кинескиот Устав би се подзасрамил малку… Нема да набројуваме, само ќе кажеме дека навистина нема што повеќе да се додаде.
Продажбата на овој фантастичен мал тркач започнува во Јануари, со најавена цена од 13500 фунти во В. Британија, или околу 16000 евра. Останува да видиме дали кај нас ќе се почитува оваа ценовна политика или не, но едно е сигурно – се надеваме и посакуваме да биде така!
Технички спецификации:
Мотор
- Тип – М16А со VVT
- Бр. на цилиндри/вентили – 4/16
- ЕУ норма за издувни гасови – Euro 5
- Пречник и од – 78.0 x 83.0 (mm)
- Зафатнина – 1,586 (cc)
- Макс. моќност – 100/136 @ 7,000 (kW/hp @ rpm)
- Макс. вртежен момент – 160 @ 4,400 (Nm @ rpm)
Пренос
- Тип – 6-степен рачен
Тежина и димензии
- Тежина – 1,045 kg
- Должина – 3,890 mm
- Широчина – 1,695 mm
- Височина – 1,510 mm
- Меѓуоскино растојание – 2,430 mm
Потрошувачка и перформанси
- Урбано – 8.4 (l/100 km)
- На отворен пат – 5.2 (l/100 km)
- Комбинирано – 6.4 (l/100 km)
- Емисија на CO2 – 147 (g/km)
- Макс. брзина – 195 (km/h)
- Забрзување 0-100 km/h – 8.7 (s)